Поранешниот премиер на Република Северна Македонија, Зоран Заев, одговори на обвинувањата на Христијан Мицкоски за „куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија“, категорично отфрлајќи ги како лаги и клеветења.
Заев го обвини актуелниот премиер Мицкоски дека користи „небулози, клевети и навреди“ за да се оправда за „катастрофата“ што ѝ ја нанесува на целата држава.
„Најостро и категорично ги отфрлам лагите и клеветењата од Мицкоски за наводни ‘куферчиња со пари од поранешен премиер од Бугарија’ како невистини и како очаен обид на неспособниот премиер да го пренасочи вниманието на јавноста од неговите неуспеси кон неговите измислици“, истакна Заев.
Според Заев, неспособноста на Мицкоски „да испорача макар и еден единствен резултат“ во која било сфера, во комбинација со неговата „самобендисаност и аздисаност“, ќе го турне во политичка провалија, но предупреди дека мора да се внимава да не ја повлече и државата со себе.
Осврнувајќи се на обвинувањата за куферите, Заев ја префрли одговорноста кон ВМРО-ДПМНЕ, велејќи: „А, кога сме веќе кај куферите, видовме во снимките што сами си ги пуштија во јавност дека експерти за куфери со пари се токму неговите поддржувачи и финансиери“.
Тој посочи на оние за кои Мицкоски се фалел дека му ги плаќале сметките за струја во Белата палата, како и на „несудени бугарски конзули и осудени криминалци пуштени да се бранат од слобода за да ја напаѓаат опозицијата“.