Откако Министерството за внатрешни работи за медиумите потврди дека полициски службеници го лишиле од слобода лицето А.Н. под сомнение за сторено кривично дело, во јавноста се појавија тврдења дека станува збор за поранешен шофер или телохранител на поранешниот премиер Зоран Заев.
Во врска со овие наводи, „Револуционер“ го контактираше Заев, кој категорично ги демантираше шпекулациите и појасни дека приведениот Николов бил вработен во општина Струмица, но никогаш не бил негов личен возач.
„Александар Николов е вработен во општина Струмица. Јас бев градоначалник на Струмица до 2016 година, и во периодот од 12 години додека ја извршував таа функција, шофер на градоначалникот, односно мој возач беше Ристо Ѓузелов до неговото пензионирање, а потоа и Кире Ангелов. Александар Николов во тоа време, колку што се сеќавам, работеше на портирницата во општината и беше возач на општинско возило за потребите на општинските инспекции и други служби за теренски активности. По завршувањето на мојот мандат како градоначалник, немам воопшто видено или контактирано со Александар Николов“, изјави Заев за „Револуционер“.
Со оваа негова изјава се разјаснува дека лицето кое сега е приведено од страна на полицијата нема никаква поврзаност со неговата лична или безбедносна служба.