Претседателот на Собранието, Африм Гаши, за утре во 11 часот закажа седница на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Агенцијата за разузнавање (АР). Седницата, со која ќе претседава пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, ќе се фокусира на актуелните сомнежи за незаконско прислушување во АНБ во периодот од 2019 до 2024 година.
Ова доаѓа по јавниот повик на пратеникот Љупчо Пренџов до претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи, да закаже итна седница.
Претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи, ја одби поканата за закажување седница, наведувајќи дека е дискриминиран поради тоа што сѐ уште нема добиено безбедносен сертификат, иако барал уште минатата година.
„Сѐ додека сум јас претседател и дискриминиран од власта, од службите, нема да повикам таков состанок. Која би била логиката, претседателот на Комисијата да не може да присуствува на класифицирани информации таму каде што се оди“, изјави Реџепи за ТВ Алсат.
Тој нагласи дека ако другите пратеници инсистираат на седница, Собранието може да ја свика, а на неа да присуствуваат оние кои имаат безбедносни сертификати.
Пратеникот Љупчо Пренџов истакна дека целта на седницата е да се разгледаат загрижувачките сомнежи за незаконско постапување во АНБ. Комисијата ќе утврди датум за официјална посета на Агенцијата, за да се изврши увид и темелно испитување на сите околности.
Според Пренџов, овие случувања ја поткопуваат довербата во институциите и ја загрозуваат демократијата. Тој нагласи дека обврска на Комисијата е да дејствува одговорно и транспарентно, со цел да се обезбеди отчетност на институциите и заштита на нивниот интегритет.