По кратко боледување, на 87-годишна возраст, почина Јован Брмбески – еден од најистакнатите и најпрепознатливи интерпретатори на македонската народна музика, особено во Прилеп и прилепскиот крај.
Брмбески ја започнал својата музичка приказна на само 13 години, кога првпат ја испеал една од омилените народни песни во живо. Оттогаш, македонската народна песна станала нераскинлив дел од неговата душа и живот.
Во текот на својата богата кариера, Јован Брмбески има снимено повеќе од 70 македонски народни песни – вистински музички бисери кои остануваат како трајно наследство за генерациите што доаѓаат. Неговата интерпретација беше длабоко емоционална, исполнета со љубов кон традицијата и народниот дух.
Со неговото заминување, Прилеп и цела Македонија изгубија човек кој со години ја носеше македонската песна во срцето и ја ширеше со исклучителна посветеност и љубов. Сеќавањето на него и неговата музика ќе продолжат да живеат преку секој тон и секој стих што ги остави зад себе.
Нека му е вечна слава…