Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денеска објави дека започна полагањето за стручни испити за добивање лиценци за работа во детските установи. Овој процес беше во застој од 2023 година, што предизвика недостиг од кадар во градинките.
Лиценцата за работа е задолжителен услов за вработување на воспитувачи, негувателки, стручни работници и директори. Поради нефункционален електронски систем, голем број кандидати не можеле да пристапат до испитот.
За да се надмине ова, извршени се измени во Законот за заштита на децата, со кои се овозможува испитот привремено да се спроведува во хартиена форма до 1 јануари 2026 година. По тој рок, процесот ќе продолжи електронски.
Денеска полагаат околу 350 лица, а до крајот на месецот, уште 350 кандидати ќе имаат можност да го завршат процесот.
Министерот Лимани нагласи дека сите барања за лиценца се детално разгледани и секој апликант ќе биде контактиран. Тој истакна дека со оваа законска измена се создаваат услови за нови вработувања и се поддржуваат млади професионалци кои ќе придонесат во развојот на најмладите.