За сите што ме прашавте „Како си?“

Веќе четири години сум далеку од Македонија. Живеам во предградие на Торонто со жена ми, со ќерка ми и со син ми. Животот таму не е ниту лесен, ниту едноставен, но децата ми се најважни и тие ми даваат сила да терам напред, за да им обезбедам безгрижно детство, добро образование и колку што можам да ги научам на вистинските вредности во животот.

Секоја година по еден месец се враќам овде, во Македонија. Тука ме чекаат мајка ми, татко ми, брат ми, пријателите и оние „да се видиме на кафе деновиве“. Ракијата со татко ми секогаш завршува со долг разговор, ручекот на мајка ми има подобар вкус од сите менија по рестораните во Македонија, а смеењето со брат ми ме враќа во детството и времињата кога сè беше полесно и искрено. Тоа се моменти што емотивно многу ми значат и кои секогаш ги пакувам во убава украсна кутија со свилена машна и ги носам со себе кога повторно ќе загрмат моторите на авионот кој полетува.

Но, како поминуваат годините, гледам дека ништо не останува исто. Мајка ми и татко ми полека стареат и само јас си знам како ми е кога ги гледам од година на година. Знам дека времето не може да се запре, но токму затоа секој миг со нив ми е уште поскапоцен.

И пријателствата се менуваат. Некои луѓе што некогаш ми беа најблиски сега имаат свои патишта и животи, а контактите се сведени на минимум. Не ги обвинувам во никој случај, секој си има свој живот, своја мака, свои цели. Безделничење со дијаспората секако не им е во врвот на приоритетите. Но, истовремено се појавија нови луѓе што никогаш не очекував дека ќе ми бидат блиски, а денес ме почитуваат и ми покажуваат топлина и грижа што одамна не сум ја почувствувал. Животот понекогаш затвора една врата, а отвора друга, a јас од што морам, учам да ја прифатам таа промена.

Така живеам меѓу два света, на два континенти. Мојата иднина во моментов е во Канада, таму растат Корнелиа и Константин и таму е мојата најголема одговорност. Но, тоа може секој ден да се смени. Можеби ќе завршам во Шпанија, Белгија, Бразил или пак можеби и во последниот вечен дом во некоја парцела во Бутел, како многу мои пријатели што прерано нè напуштија. Во Македонија е моето минато, какво-такво, тука се моите родители, брат ми со неговото семејство, пријателите и сите спомени што не поврзуваат. Понекогаш ми е тешко што не можам целосно да бидам и овде и таму, но научив дека вистинското решение е во тоа да се ценат моментите, часовите, минутите, насмевките, муабетот и искрената желба сите да се среќни, здрави, живи и да им биде убаво.

И затоа денес повеќе не се ни прашувам каде ми е „дома“. „Дома“ е кога доручкувам со ќерка ми или кога се „бориме“ со син ми. „Дома“ е со моите браќа во Канада, доселени од сите страни на светот. Дома“ е кога ќе уловам голем лосос во некој индијански резерват. „Дома“ е во рацете на мајка ми кога ќе ме гушнат и што сè уште готват со иста љубов, иако се уморни. „Дома“ е во тивкиот поглед на стариот и животните лекции кои ми ги дели во секоја можна прилика. „Дома“ е во гласното смеење со брат ми и играњето и гушкањето со неговите деца. „Дома“ е и со пријателите што останале покрај мене, и во оние што случајно се појавија, а станаа важни. „Дома“ не е адреса напишана на лична карта или пасош. „Дома“ не е број на стан, улица или град. „Дома“ е таму каде што те чекаат оние кои те сакаат, без кои не можеш и каде што се чувствуваш свој. Сè друго се само ѕидови и врати со премногу брави.

Времето безмилосно брза и ништо не останува исто, но едно знам со сигурност. Љубовта и душата што ја даваме и добиваме, миговите што ги делиме, и спомените кои ги создаваме се единственото што останува засекогаш и ќе остане во наследство за следната генерација. Сè друго минува.

А јас сум среќен човек што имам и на кого да се вратам и за кого да живеам, и овде и таму, без разлика колку далеку патот ме носи.

За сите што ме прашавте, ете, така сум.

А оние што не ме прашавте, знајте дека и кога сум далеку, моето срце е секогаш со вас.

 

Пишува: Кирил Колемишевски