Полицијата во Тирана уапси три лица во врска со убиството на судијата Астрит Калаја во судницата на Апелацискиот суд. Судијата Калаја (62), кој бил познат по својата коректност и го имал поминато процесот на проверка (ветинг), починал откако вчера во 15:30 часот бил застрелан со три куршуми додека почнал да ја чита судската одлука. Во инцидентот беа повредени уште две лица, кои се вон животна опасност.
Случајот за кој се читала пресудата се однесувал на спор за сопственост на поранешна училишна зграда во Скадар, која според изјавите на 31 семејство, била приватизирана со фалсификувани документи од страна на напаѓачот.
Уапсени напаѓачот, соучесникот и член на обезбедувањето
Полицијата објави дека се уапсени:
Елвис Шкемби: Лицето кое пукало во судијата.
Ѓон Шкамби: Чичко на напаѓачот, уапсен како соучесник.
Бануш Коџај: Вработен во обезбедувањето во судот.
Полицијата истакна дека безбедносното лице Бануш Коџај не презел никакви мерки за контрола иако уредот за скенирање (детектор) сигнализирал присуство на метал кога Ѓон и Елвис Шкамби влегле во судницата. Покрај тоа, Коџај не ги евидентирал лицата во соодветната книга, што е задолжително за сите кои влегуваат и излегуваат од просториите на судот.