Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес, во своето обраќање пред Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, изјави дека Русија, како членка на Советот за безбедност на ОН, прави сè за да ја продолжи војната во Европа.
„Со користење на правото на вето, Русија купува влијание и го држи мирот ‘на чекање’“, рече тој.
Зеленски ја спомена и Кина, која исто така е претставник во Советот за безбедност, опишувајќи ја како „моќна нација на која Русија целосно се потпира“.
„Без Кина, Путиновата Русија е ништо“, нагласи Зеленски, оценувајќи дека Кина е премногу често „тивка и дистанцирана“ кога станува збор за мир.
Зеленски се осврна и на својата средба со американскиот претседател Доналд Трамп, која се одржа пред неговото обраќање. Тој изјави дека со Трамп разговарале за тоа како да се постигне мир и изрази благодарност за средбата.
„Разговаравме за некои добри идеи, се надевам дека ќе вродат со плод… Москва се плаши од Америка и ѝ обрнува внимание“, изјави Зеленски, изразувајќи надеж дека потезите на Вашингтон ќе ја насочат Москва кон мир.