Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска изјави дека Русија прави сè што може за да спречи негова средба со рускиот претседател Владимир Путин. На заедничка прес-конференција со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Киев, Зеленски ги повика сојузниците на Украина да воведат нови санкции врз Москва доколку таа не покаже интерес за мир.
„За разлика од Русија, Украина не се плаши од средби со лидерите“, рече Зеленски.
Зеленски и Руте разговарале за безбедносни гаранции за Украина кои би биле слични на Член 5 од НАТО договорот, кој предвидува дека нападот врз една членка се смета за напад врз сите.
Руте ги повика западните сојузници да обезбедат „силни безбедносни гаранции“ за Украина, со цел да се спречи идна руска инвазија.
„Јасно е дека САД ќе бидат вклучени“, рече шефот на НАТО, додавајќи дека гаранциите имаат две форми:
- Зајакнување на украинската војска за да се одвратат идни напади.
- Безбедносни гаранции од европските земји и САД.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека не постои агенда за потенцијален самит меѓу Путин и Зеленски, обвинувајќи го украинскиот претседател дека „вели не на сè“.
Лавров посочи дека Путин е подготвен да се сретне со Зеленски само доколку има соодветна агенда, која, според него, во моментов не постои. Тој додаде дека Русија покажала флексибилност по прашањата покренати од претседателот Трамп, но ја обвини Украина дека не покажала иста флексибилност во разговорите што следеа во Вашингтон.