Управниот одбор на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) донесе одлука за исклучување на Зоран Божиновски од членство. Одлуката е донесена по предлог на Советот на честа при ЗНМ, поради тешки и повторливи повреди на Етичкиот кодекс на новинарите.
Од ЗНМ соопштија дека Божиновски е исклучен поради серии неодамнешни објави што поттикнуваат родово базирано вознемирување кон новинарки и го нарушуваат нивниот углед и приватност. Дополнително, овие објави поттикнуваат малициозни коментари со кои се охрабрува ширење на говор на омраза и закани, со што се создава непријателска средина и се зголемува ризикот по безбедноста на новинарките.
Одлуката е донесена по разгледување на пет доставени претставки од новинарките Жана Божиновска (во име на Мирослава Симоновска), Јована Костадиновска, Анета Андонова, Сашка Цветковска и Мери Попова.
Советот на честа утврдил дека Зоран Божиновски грубо ги прекршил:
- Член 10
- Член 15
- Член 16 од Кодексот на новинарите.
ЗНМ ја истакнува обврската да ги штити професионалните стандарди и безбедноста на своите членови. Според ЗНМ, нормализирањето на вознемирувањето и јавните понижувања – особено кон жените – директно ја поткопува слободата на изразување, ја нарушува довербата во медиумите и ги обесхрабрува новинарките да бидат гласни во јавната сфера.
Игнорирањето на ваквите појави, предупредува ЗНМ, води кон зголемена неказнивост, ескалација на напади и системско потиснување на женските гласови, што е штетно за демократскиот дискурс.
Согласно Статутот, со исклучувањето од членство, Божиновски ги губи сите бенефити, вклучувајќи ја правната помош и застапувањето, правото на користење новинарска легитимација (национална и меѓународна), како и учеството во органите и програмите на ЗНМ.
ЗНМ потсетува дека, согласно измените на Кривичниот законик од 2023 година, загрозувањето на сигурноста на медиумските работници претставува кривично дело.