Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) изразија сериозна загриженост поради начинот на кој полициски службеници постапиле кон новинари од пелагонискиот регион. Инцидентот се случил додека новинарите известувале за случајот со разрешената директорка на училиште во Демир Хисар, Маја Лозановска.
Според соопштението на ЗНМ и ССНМ, полицајци им пришле на новинарите и побарале нивно легитимирање, иако тие известувале од јавна површина (дворот на училиштето) и биле опремени со професионална медиумска опрема.
ЗНМ и ССНМ сметаат дека ваквото постапување може да се толкува како обид за притисок врз новинарите и недозволиво мешање во нивната работа, што претставува нарушување на медиумските слободи.
Двете организации испратија официјален допис до Министерството за внатрешни работи (МВР), барајќи итна и сеопфатна проверка на околностите. Тие сакаат да се утврди законската основа за ваквото постапување и да се преземат соодветни мерки против полициските службеници, доколку се докаже дека ги пречекориле своите овластувања.
„Очекуваме МВР и Секторот за внатрешна контрола во најкус можен рок да информираат за утврдените околности и доколку се потврди прекршување на овластувањата, да преземат соодветни мерки против одговорните службеници“, се вели во соопштението.