Зоран Д. сеуште на распит за уништување на оружјето со кое се убиени Вања и Панче

Продолжува распитот на Зоран Д., вработен во Народна банка, кој е осомничен дека го уништил ранецот со огненото оружје што, според сведочењето на обвинетиот Велибор Манев, било користено за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.

Зоран Д. беше приведен вчера, откако Манев, на последното судење, првпат јавно го посочи како лице кое го презело и наводно уништило оружјето со кое биле извршени двојните ликвидации. Според исказите, тој го презел ранецот по убиствата, со цел да го сокрие или уништи доказот.

И покрај интензивниот распит кој трае од утрово во полициска станица, сè уште нема информации за тоа што Зоран Д. изјавил пред истражните органи. Од Јавното обвинителство најавија дека во текот на денот ќе излезат со подетални информации за натамошниот тек на постапката.

Овој развој доаѓа по претходните искази на Манев, кој тврдел дека знае кој го сокрил пиштолот, но досега одбегнуваше да го именува. Новото сведочење пред судот, во кое директно го посочува Зоран Д., ја отвора можноста за проширување на истрагата и потенцијално ново обвинение за соучесништво во криење на докази поврзани со двојното убиство кое ја потресе јавноста.

Очекувањата се дека Обвинителството ќе ја разгледа улогата на Зоран Д. во поширок контекст, особено ако се потврди дека намерно ги уништил или прикрил клучните докази од местото на злосторството.