Ивановска: Чаир стана симбол на урбано лудило – време е конечно да се расчисти со дивоградбите

„Ова е шанса конечно да се расчисти со дивоградбите во Чаир“, изјави Билјана Ивановска, поранешната претседателка на Антикорупциска комисија, во емисијата „Трилинг“. Таа потсети дека Чаир некогаш бил симбол на зеленило и пространост, а денес – на нефункционална урбанизација и институционален хаос.

Според неа, Обвинителството во случајот „дивоградби во Чаир“, кој неодамна го отвори градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, сѐ уште не ги насочило истражните активности кон вистинските адреси.

„Партиите секогаш се здружени кога станува збор за градежништво и нехумана урбанизација“, обвини Ивановска.

Таа откри дека уште во нејзиниот мандат како антикорупционерка, Општина Чаир одбивала да соработува, а Државниот градежен инспекторат барал помош, бидејќи не добивал никаква документација.

„И ние не добивавме документи. Единствено добивме писмо од градоначалникот Висар Ганиу дека ‘објектот ги исполнува условите за легализација’, без конкретни податоци. За други предмети, дури имавме изречено и прекршочни казни затоа што не ни се доставуваа информации. Не сме далеку од ‘држава во држава’“, предупреди Ивановска.

Таа потсети и на јавното признание на поранешниот градоначалник, а сега министер за животна средина, Изет Меџити, кој отворено изјавил дека ги легализирал дивоградбите на високи функционери, меѓу кои се спомнуваат Бујар Османи и браќата на Артан Груби.

„Некој свесно прогледувал низ прсти за сите овие дивоградби. Ова е тотално урбано лудило. Ако законски мораш да се приклучиш на инфраструктурата – како тоа функционира ако си дивоградба?“, праша Ивановска.