Со одлука на Окружниот суд во Сисак, поранешниот премиер на Хрватска, Иво Санадер, е условно ослободен од издржување на затворска казна. Како што објави Н1 Хрватска, одлуката била донесена денеска на седница на судскиот совет.
Санадер беше осуден на вкупна казна од 18 години затвор за низа тешки кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба и корупција. Во текот на издржувањето на казната, тој ги користел сите бенефиции што му следуваат според Законот за извршување на затворски казни.
На денешното рочиште судот оценил дека Санадер ги исполнува условите за предвремено ослободување.
Поранешниот премиер доби седум години затвор за злоупотреба на средства од јавни претпријатија и нерегистрирани донации во корист на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), шест години за примање 17,5 милиони куни од бизнисменот Стјепан Фиолиќ, како и уште шест години за примање мито од 10 милиони евра поврзано со преносот на управувачките права врз компанијата ИНА на унгарската нафтена компанија МОЛ.
До денес, Санадер има поминато приближно седум и пол години во притвор или во издржување на затворска казна.