Независниот кандидат за градоначалник на Општина Прилеп, Ѓорѓија Игески, денес ги претстави клучните точки од својата економска програма, со фокус на поддршката на малиот бизнис, привлекувањето инвестиции и поедноставувањето на административните процедури.
Игески, кој доаѓа од приватниот сектор, нагласи дека целта е да се создаде стимулативна бизнис клима каде што граѓаните и претприемачите ќе можат брзо и ефикасно да започнат и развиваат свои идеи.
Во делот „Економија и Поддршка на Граѓани“, Игески најавува неколку конкретни мерки:
- Привлекување инвестиции: Активно искористување на европските фондови и државните програми за инвестиции, преку формирање на општинска единица која ќе им помага на бизнисите во аплицирањето.
- Поддршка за малите и средни претпријатија (МСП): Директна поддршка и обуки за МСП, кои се столбот на локалната економија.
– Реформа на администрацијата: Ветување за поедноставување на процедурите за добивање дозволи за градба и отворање на нови бизниси, со цел да се скрати времето и да се намали бирократијата.
- Занаетчиство и земјоделство: Воведување субвенции за семејства и поединци кои сакаат да развиваат традиционално занаетчиство и локално земјоделство.
- Поддршка за младите: Посебен акцент на млади претприемачи, стартапи и ИТ компании, преку обезбедување на старт-ап пакети и поволни услови за работа, со цел задржување на младите во Прилеп.
Ѓорѓија Игески порача дека добрата економија започнува со добра локална самоуправа која ги разбира потребите на пазарот и е подготвена да работи транспарентно и одговорно.