Игор Каравилоски: Ова е победа на сите што веруваат во силна и обединета Општина Кривогаштани

Новоизбраниот градоначалник на Општина Кривогаштани од редовите на СДСМ, Игор Каравилоски, се обрати до своите сограѓани, истакнувајќи дека постигнатата победа е заедничка и претставува обврска за него. Тој најави дека општината ќе продолжи да работи со уште поголема посветеност и ќе стане пример за развој и чесност.

​Во своето обраќање, Каравилоски нагласи дека победата не е само негова, туку е „победа на сите кои веруваат во подобро утре, во посветена работа и во силна, обединета Општина Кривогаштани“.

​Тој изрази искрена и огромна благодарност до целиот тим кој работел на кампањата, како и до советничката листа на СДСМ и сите поддржувачи кои придонеле за овој успех.

​„Од срце ви благодарам за довербата и силната поддршка што ми ја укажавте. Вашиот глас не е само чест, тоа е обврска што со благодарност и одговорност ја прифаќам“, порача новоизбраниот градоначалник.

​Каравилоски најави дека во наредниот период ќе продолжат со уште поголема посветеност на секое поле – за подобар живот, развој, домаќинско работење и вистински резултати. Негова цел, како што истакна, е Општина Кривогаштани да биде пример за развој, чесност и успех.