Македонскиот амбасадор во Франција, Игор Николов, официјално ја започна својата дипломатска мисија во Париз, откако во понеделникот му ги предаде акредитивните писма на францускиот претседател Емануел Макрон. Оваа информација вчера ја објави Амбасадата на Северна Македонија во Франција на својот официјален Фејсбук-профил.
Како што се наведува во објавата, целта на неговиот мандат е унапредување на билатералните односи, зајакнување на соработката и продлабочување на партнерството меѓу двете земји.
Игор Николов е еден од првите амбасадори назначени од владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Тој е нефролог по професија, а воедно е и претседател на комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ, како и поранешен советник за здравство на премиерот Христијан Мицкоски.