Македонската атлетика живее на грбот на ентузијазмот и нераскинливата врска меѓу тренерите и спортистите, наместо на силна системска поддршка. Ова е суштината на долгогодишната борба на Игор Јакимовски, тренерот и менаџерот на најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски. По спектакуларната победа на Ивановски на Скопскиот маратон во 2025 година, победа која дојде по драматичен финиш и три недели по Светското првенство во Токио, Јакимовски го отвори патот низ кулисите на еден шампионски процес. Во ова интервју, тој зборува за херојството на Ивановски, но и за тоа како Атлетската федерација на Македонија му го свртела грбот на најголемиот македонски адут. Директен, гласен и недвосмислен, Јакимовски ги разоткрива проблемите на македонската атлетика, нудејќи конкретни решенија за излез од долгогодишната стагнација.
Азманоски: Дарио Ивановски ја донесе најголемата маратонска победа за Македонија последниве години. Како изгледаше тој процес зад кулисите, колку е тешко да создадеш шампион во систем кој, како што велите, често им свртува грб на спортистите?
Јакимовски: Дефинитивно победата на Дарио на СКМ 2025 во главната дисциплина маратон беше најголемата победа за Дарио и Македонија. И тоа на неверојатен начин, каде што Дарио, во негатива од цели 35 секунди на 4 километри до финишот, успеа да ги истрча најтешките километри на брзо темпо и да го победи силниот кенијски атлетичар.
Процесот за да се стигне до оваа победа беше навистина тежок и речиси невозможен, бидејќи овој маратон беше само 3 недели после СП во Токио, но по тоа Дарио е далеку познат како еден од најмоќните маратонци кои ги имала Европа во својата историја.
Азманоски: Вашите критики кон Атлетската федерација на Македонија одекнаа силно на социјалните мрежи. Што е суштината на проблемот, корупција, нестручност или само негрижа? И има ли волја нешто да се смени?
Јакимовски: Моите критики, забелешки и јавни огласувања кон нашата национална спортска федерација АФМ одекнуваат веќе цели 5 години. Цел мој живот и кариера сум бил јасен за една работа и цврсто стојам зад истата. Секогаш да изнесувам факти и аргументи кои се 100% вистина, без разлика на тоа дали се работи во овој случај за федерацијата или за било што врзано со друга тема. При моите јавно искажани ставови околу состојбата, одлуките и случувањата во АФМ постојано ги повикував на јавни соочувања или да одговорат на прозивките. Но, целото раководство на чело со Претседателката до овој момент се нема произнесено ама буквално по ништо, знаејќи дека оној кој ќе одговори ќе ја понесе одговорноста, па секогаш го одбираа методот да премолчат и да чекаат да помине време за да се заборави.
Проблемот е во тоа што во 2021 година Дарио одби настап на ЕП доколку АФМ остане на одлуката тој да замине на првенството без својот личен тренер.
Од тој момент АФМ му го заврте грбот на најдобриот атлетичар на сите времиња на Македонија, го загуби како свој адут за нивното раководење и паралелно со тоа во безброј наврати досега го омаловажуваше, деградираше и забораваше еден Дарио.
Волја за да се промени нема и нема да има, бидејќи ова раководство е при крај на последниот втор мандат и ќе оди вечно во заборав поради сите скандали кои ги креираа кон Дарио и лично кон мене, за кои цела јавност е комплетно запознаена и цврсто стои на нашата страна со огромна поддршка кон нас. Тие се свесни за сето тоа и нивната последна надеж е само да го истуркаат до последниот ден на мандатот за да не бидат сменети вонредно.
Азманоски: Вие често зборувате дека „атлетиката не е само трчање, туку начин на размислување“. Што е тоа што ја разликува македонската од европската менталност во однос кон спортот и напорот?
Јакимовски: Точно е тоа дека атлетиката не е само трчање. Атлетиката е цела една наука која бара целосна посветеност, соодветна жртва, процес кој никогаш не застанува и не признава никакви импровизации. Впрочем, индивидуалниот спорт знае да биде толку суров што едно мало опуштање, подолга пауза и несериозност може да доведе до голем пад во напредокот на спортистот. Во атлетиката секојдневно се размислува, планира, зборува и тренира. Во однос на Европа, ние сме многу хендикепирани затоа што спортската инфраструктура за овој прекрасен спорт е скоро на нула, а влогот во атлетиката се сведува само на индивидуалните можности. Она што го постигнуваме јас и Дарио како тим, доколку ги имавме можностите како моќните спортски нации на стариот континент, тој досега неколку пати ќе беше медалист на ЕП.
Азманоски: Како успевате да останете мотивациски двигател и за себе и за своите атлети, во земја каде што спортот ретко носи финансиска сигурност, а често само разочарување?
Јакимовски: Многумина ја знаат мојата способност, снаодливост, ангажман и креативност во поглед на поддршката, мотивацијата и заштитата на моите атлети. Секогаш им кажувам да бидат безгрижни додека тренираат и постигнуваат резултати, бидејќи јас сум им ПОДДРШКА, ГАРД И ГРБ. Долж изминатите две децении самиот изградив многу репутација на Балканот и во државата кај многу мои пријатели и моќни луѓе кои ме поддржуваат како спонзори за сите поставени цели. Колку-толку изградивме сигурност и финансиска стабилност за да моите атлети бидат сигурни и безгрижни во долга спортска кариера. Податокот дека опстануваме така веќе 11 сезони со еден шампион како Дарио јасно говори во мојот успешен менаџерски проект кој само напредува на повисоко ниво.
Азманоски: Вие сте познат и како гласен критичар, но и како човек што нуди решенија. Кои се трите конкретни реформи што би ја извлекле македонската атлетика од стагнација?
Јакимовски: Прво, влог во изградбата на спортската инфраструктура и тоа под итно. Изградба на атлетска сала која ја чекаме цели 8 децении национална атлетика. Комплетно реновирање и замена на атлетскиот тартан на националната арена и изградба на нов атлетски стадион.
Второ, реформи во националната федерација во поглед на поддршката, почитта и мотивацијата на своите атлетичари. Воведување на систем за стимулација, стипендирање и наградување во однос на постигнати резултати на државните првенства, купови и меѓународни настапи.
Трето, промоција на македонската атлетика со организирање на силни меѓународни митинзи кои во моментов ги немаме.
Азманоски: Секогаш делувате инспиративно и со огромна енергија. Од каде ја црпите таа мотивација, од резултатите, од луѓето околу вас или од нешто подлабоко и лично?
Јакимовски: Целиот мој живот и кариера помина во некоја борба за Македонија. Мотивацијата е токму мојата татковина, мојот народ, мојата вера. Верувам во мојот господ бог и секогаш ми дава екстра енергија 24/7/365 да бидам тоа по што и вие сте ме препознале. Многу реални војни и предизвици поминав во моите 50 години живот и мислам дека за уште толку ќе имам енергија во ист ритам.
Тоа е дефинитивно нешто длабоко во мене и по цена на сѐ никогаш нема да се променам.
Азманоски: И конечно, ако утре имате можност да станете претседател на Атлетската федерација, која би била првата работа што би ја смениле?
Јакимовски: Изградба на модерна атлетска сала во Скопје.