По претставувањето во Софија, проектот на Националната галерија, „Простори на конјукција“, пристигнува во македонскиот Културно-информативен центар во Белград. Изложбата, со поднаслов „Картографија на фрагментот: Наративи, граници, меморија“, ќе биде отворена на 10 септември 2025 година во 19 часот и ќе трае до крајот на месецот.
На отворањето, пред публиката ќе се обрати директорот на Центарот, Васко Шутаров, заедно со Маја Крстевска, виш кустос и програмски раководител од Националната галерија.
Проектот ги истражува односите помеѓу интимните, лични фрагменти и колективните мемории. Инспириран од критиката на Жан-Франсоа Лиотар за „метанаративите“, изложбата ја истражува кревката граница меѓу малите приказни на индивидуата и големите историски и културни наративи.
Преку различни медиуми како графика, цртеж, фотографија, видео, објект и колаж, уметниците создаваат мултимедијални платформи. Различните техники се користат како стратегии за премостување на личното и колективното, при што секој медиум станува посебен канал за поврзување.
На изложбата се претставени дваесет македонски уметници: Роберт Јанкулоски, Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски, Ѓорѓи Десподов, Моника Мотеска, Дарко Алексоски, Методи Ангелов-Мето, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели, Верица Ковачевска, Марија Сотировска, Кристијан Јованоски, Мариго Исеинии и Игор Сековски.
Кураторскиот тим, составен од д-р Ана Франговска, Горанчо Ѓорѓиевски, Маја Неделкоска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска, истакнува дека изложбата бара активен гледач кој ќе влезе во релација со фрагментите и ќе помогне тие да се спојат во нова целина.