Најмалку седум Палестинци загинаа, а десетици други се повредени денеска во повеќекратни израелски напади низ Појасот Газа, насочени кон цивили и луѓе кои чекале хуманитарна помош, соопштија медицински извори, пренесува агенцијата „Анадолу“.
Од болницата „Ал-Авда“ информираа дека примиле пет тела и 33 повредени лица по воздушен напад врз група цивили северно од бегалскиот камп Нусејрат, во централна Газа.
Дополнително, уште двајца Палестинци се убиени, а неколкумина се ранети откако израелските сили отвориле оган врз луѓе што чекале во близина на пункт за дистрибуција на помош јужно од Долината Газа.
Локалните извори наведуваат дека израелската армија извршила артилериски напад врз населбата Зејтун, југоисточно од градот Газа, а беспилотно летало погодило област во близина на џамијата „Ал-Шахид“, источно од бегалскиот камп Ал-Буреиџ.
Војната во Газа, која трае од октомври 2023 година, досега одзела повеќе од 61.300 животи, а Израел се соочува со сè поголем меѓународен притисок и осуда поради високите цивилни жртви и продолжените воени дејства.