Иако во текот на летниот преоден рок се шпекулираше дека македонскиот напаѓач Илија Несторовски ќе премине во Сараево, трансферот не само што пропадна, туку според информации од Хрватска, никогаш не влегол во сериозна фаза на реализација.
Според хрватски извори, Сараево не испратило официјална понуда до клубот на Несторовски, Славен Белупо. Поради тоа, раководството на тимот од Копривница немало основа да размислува за продажба на еден од најважните играчи, кој често ја носи и капитенската лента.
Покрај недостатокот на официјална понуда, самиот Несторовски не покажал интерес за заминување. Како главна причина за неговата одлука се наведуваат семејните околности. Неговото семејство живее во Удине, Италија, каде што децата одат на училиште. Близината на Копривница со Удине му овозможува на Несторовски неколку пати неделно да патува и да поминува време со семејството, што за него е важен приоритет.
По пропаѓањето на овој можен ангажман, Сараево го доведе напаѓачот Аномначи Чиди на позајмица од словенечкиот клуб Целје.