Инвестиции во ГОБ „8 Септември“: Скопје добива прва сала за роботска хирургија

Министерот за здравство, Азир Алиу, и премиерот Христијан Мицкоски извршија увид во градежните активности во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, каде се инвестира во обнова на оперативниот блок и интензивната нега.

​„Во здравствениот сектор имаме инвестициски бум во инфраструктурата, технологиите, човечките ресурси, затоа што ние веруваме дека со зајакнување на овие три столба ќе ги подобриме здравствените услуги за граѓаните“, истакна министерот Алиу.

​Проектот, вреден 12 милиони евра, вклучува:

​На површина од 750 квадратни метри ќе бидат изградени седум нови операциони сали, од кои едната ќе биде наменета за роботска хирургија, прва од ваков тип во земјата. Останатите сали ќе се користат за абдоминална, уролошка, ОРЛ и очна хирургија.

​На површина од 500 квадратни метри ќе се изградат седум целосно опремени бокса за пациенти, со најсовремени кревети и централно мониторирање.

​Предвидени се и 500 квадратни метри за лаборатории со најнови технологии, вклучувајќи биохемиска, микробиолошка и патолошка лабораторија.

​Алиу нагласи дека оваа инвестиција ќе го подигне квалитетот на здравствената заштита на европско и светско ниво. Со проектот ќе биде саниран и покривот на болницата.