Роберт Милески, дипломиран инженер по информатика со импресивно меѓународно искуство, вклучувајќи работа за компании како Тесла, СпејсИкс (SpaceX) и Универзал Мјузик (Universal Music), одлучи своето знаење да го примени за развој на својата родна Струга. Тој влезе во трката за градоначалник како независен кандидат, ветувајќи нов, модерен и европски пристап, ослободен од партиски пазарења. Во ова интервју, Милески ја открива својата визија за Струга, од справување со дивата депонија и урбанистичкиот хаос, до модернизирање на водоводната мрежа и активирање на европските фондови.
Разговараше: Виктор Азманоски
Азманоски: Што беше пресудно да влезете во трката како независен кандидат, наместо да ја искористите поддршката од некоја од големите политички партии? Колку Вашата независност е предност, а колку предизвик во структуиран политички систем како нашиот?
Милески: Дозволете ми првин да се претставам. Јас сум Роберт Милески, по вокација сум дипломиран инженер по информатика. Моите студии ги завршив на еден од најпрестижните германски институти за информатика „Хасо Платнер“, како и Институтот за информатика при Универзитетот во Потсдам, и Фрај Универзитет Берлин. Својата кариера ја започнав во TÜV Rheinland, како шеф на одделот за информатика при Институтот за медицински и психолошки истражувања, продолжувајќи потоа со основање на сопствена компанија „Introcode”, која ја работи за компании како Tecan од Швајцарија, водечки бренд во делот на медицински инструменти. Работевме на Cell Counting (броење на клетки), па сè до секвенцирање на ДНК. Еве, да бидам нескромен, работејќи на овој огромен проект го постигнавме во светот досега несоборениот рекорд за секвенционирање на ДНК за помалку од 5 секунди. За потоа да продолжиме со една од најголемите светски компании за музика – Universal Music, а последно со Тесла, СпејсИкс (SpaceX) и Старлинк (Starlink) на Илон Маск.
Пресудно за мојата одлука да се кандидирам за градоначалник на Општина Струга беше токму одлуката на т.н. „големи“ партии но со мали идеи, да не кандидираат свои претставници во Струга. Струга ја напуштија, како ние да се наоѓаме небаре во некоја друга држава, а не во Република Македонија. Тогаш одлучив дека стружани заслужуваат на листата да имаат можност да заокружат и за градоначалник Македонец. Мојата независност може да биде само предност, бидејќи очекувам сите граѓани на Општина Струга да застанат зад мојата кандидатура, без разлика на партиска, верска, или етничка припадност. Бидејќи мојата најважна мисија е овде – во мојата Струга. Мојата визија е нова, модерна и европска Струга, град кој нема да биде заробеник на партиски пазарења и криминални елити, туку општина со ред, дисциплина и развој. Граѓаните треба да гласаат за мене затоа што не должам ништо на партиите – мојата одговорност е само кон народот.
Азманоски: Кој е најголемиот горлив проблем со кој се соочува Општина Струга во моментов (на пример, урбанизам, инфраструктура, екологија, туризам) и која е Вашата конкретна визија за негово решавање во првите 100 дена/една година?
Милески: Најголем акцент и приоритет ставам на четири работи. Тоа се дивата депонија која ги гуши сите жители на градот, проблемот со водоснабдувањето, проблемот со училиштата и јавните установи и илегалните градби.
Приоритет е целосна реконструкција на улиците и уличното осветлување. Ќе ја модернизираме водоводната мрежа со дигитална контрола и елиминација на диви приклучоци преку инсталирање хидрофори на сите улици и нивно пратење преку дигитализиран центар. Знаете, струшките извори имаат капацитет од 450 л/сек, а за цел град Струга потребни се 150 л/сек. Тоа значи дека градот нема вода само заради дивите приклучоци и кражбите, како и недомаќинското работење на ЈП Водовод и Канализација – Струга. Ако е потребно, ќе обезбедиме пумпни станици директно од езерото, финансирани со европски фондови. Ќе воведеме три групи на потрошувачи на вода – нормално, зголемено, и енормно. Оние кои се во третата група може да очекуваат и нивните сметки да бидат енормни. Тоа од друга страна ќе ни овозможи на семејствата кои се финансиски загрозени, како и пензионерите со ниски пензии да бидат комплетно ослободени од плаќање за вода. Воедно ќе вложиме и во модернизација на канализационата мрежа и јавните објекти.
Приоритет ќе биде префрлување на сите училишта и јавни објекти на гасни централи и изградба на фотоволтаици, кои енормно ќе ја намалат потрошувачката за затоплување. Од друга страна, ќе воведеме превоз за ученици од оддалечените села, кои ќе можат да учат заедно со своите врсници во модерни училишта.
Ќе воведеме систем за селекција и рециклирање на отпадот. Да ви дадам едноставен пример: пластичните шишиња и лименки ќе се откупуваат по цена од 10-15 денари, додека стаклото по цена од 2-5 денари. Истите ќе бидат транспортирани во странски држави каде што ќе се врши нивна рециклажа. Со тоа имаме два ефекти, граѓаните ќе бидат поттикнати да вршат селекција на отпадот и поврат на средства, од друга страна општината ќе добива пари назад во фонд за изградба на модерна фабрика за обработка на отпадот по примерот на фабриката за рециклажа во Базел, Швајцарија, со која имаме почетна соработка за да ни помогнат истиот модел да го имплементираме во Струга, која мислам дека ќе премине и во регионална депонија, а крајниот производ ќе биде производство на топлинска енергија за потребите на општината. Оваа инвестиција ќе биде исто така помогната од европски фондови.
Со поддршка од Германија и Австрија, Струга ќе добие нови возила за хигиена и комплетно обновен возен парк. Дивата депонија ќе биде минато – ќе изградиме модерен регионален центар за отпад. Ќе се преземат и конкретни мерки за заштита на Охридското Езеро.
Азманоски: Како независен кандидат, каков е Вашиот план за справување со урбанистичкиот хаос и нелегалната градба, особено во крајбрежниот дел на езерото? Кои мерки ќе ги преземете за заштита на Охридското Езеро и исполнување на препораките од УНЕСКО?
Милески: Едноставно. Нема да има компромис. Секој диво изграден објект ќе биде проверен, оној што е изграден спротивно на законот ќе биде срушен. Ќе воведеме дигитална катастарска евиденција за целосна транспарентност. Никој нема да биде над законот!
Од друга страна ќе ја зајакнеме соработката меѓу комуналната и редовната полиција, со постојани контроли. Ќе се постави видеонадзор на клучни точки. Ќе се формира совет за безбедност со учество на граѓани, за заедничка борба против криминалот.
Азманоски: Струга има голем туристички потенцијал. Како планирате да ја продолжите туристичката сезона надвор од летните месеци и да привлечете странски инвестиции кои ќе отворат нови работни места за стружани?
Милески: Ќе инвестираме во уредување на кејот и плажите, ќе поддржиме семејни хотели и ресторани, ќе развиеме пешачки и велосипедски патеки и ќе го промовираме селскиот и планинскиот туризам. Ќе креираме календар на културни и туристички настани за Струга да биде атрактивна цела година. Јас се борам Планината Јабланица да биде прогласена за Национален Парк, по примерот на Галичица. Тоа нам стружани ќе ни отвори огромни можности за развој на планинскиот туризам, а од друга страна ќе ја спречи нелегалната сеча на дрво.
Ќе поддржиме локални уметници и културни иницијативи. Ќе реновираме спортски сали и игралишта и ќе создадеме програми за младите спортисти. Нашата цел е развој на масовниот спорт, не само на елитниот. Струга мора да се врати на стружани. Ние сме познати по ракометот, пливањето, ватерполо, и други спортови. Тоа е она што ќе претставува приоритет за мене. Киното мора да заживее, бидејќи и сега го имаме едно од најголемите во Македонија, но не се користи за ништо, а самиот објект е запоставен од државата. Тоа мора да се промени. Најновите филмови мора да бидат достапни за стружани и охриѓани. Посебен акцент ќе ставам на развојот на театарот и театарски настапи. Тоа е она што го бараат сите во нашата општина, и стари и млади.
Азманоски: Граѓаните бараат поголема отчетност. Како планирате да ја зголемите транспарентноста во работењето на Општината и да им овозможите на граѓаните директно да учествуваат во процесите на донесување одлуки?
Милески: Ќе воведеме целосна дигитализација на услугите, „едношалтерски систем“ за брзо завршување на обврските и онлајн транспарентност на сите општински трошоци преку сопствена веб страна и апликација за мобилни уреди. Граѓаните ќе имаат директен увид во работата на администрацијата. Во општината не смее да фали ниту 1 денар! Доколку тоа е случај, јас лично веднаш ќе поднесам оставка!
Стружани преку апликација на секои две недели ќе одлучуваат самите за следните месечни приоритети на самата Општина. Директна демократија значи вклученост на секој граѓанин во процесот на носење одлуки!
Азманоски: Доколку Општината се соочува со финансиски предизвици или долгови, која е Вашата стратегија за финансиска консолидација на општинскиот буџет и како ќе обезбедите средства за капитални проекти?
Милески: Мој приоритет ќе биде финансиска дисциплина и рационализација на трошоците. Секој денар од буџетот мора да се троши домаќински и во интерес на граѓаните, а не за партиски вработувања или тендери по договор. Прво – ќе се направи ревизија на сите долгови и обврски на Општината. Второ – ќе ги кратиме непотребните трошоци и ќе воведеме дигитална транспарентност, за секој граѓанин да може да види каде оди секој денар.
Средства за капитални проекти ќе обезбедиме преку:
- Европски и меѓународни фондови,
- јавно-приватни партнерства,
- и привлекување странски и домашни инвеститори.
Мојата стратегија е јасна: буџет без дупки и пари за вистински проекти што носат развој.
Азманоски: Како независен кандидат, немате директна партиска поддршка од Владата. Како планирате да обезбедите ефективна соработка со централната власт и министерствата за да реализирате големи инфраструктурни проекти?
Милески: Точно е дека сум независен кандидат, и токму тоа е мојата најголема предност – немам партиски обврски, имам само обврска кон граѓаните. Како градоначалник ќе бидам гласен и упорен претставник на Струга во сите министерства и институции. Ниту еден министер нема да може да си дозволи да го игнорира легитимно избраниот градоначалник и потребите на стружани.
Дополнително, мојата кариера и искуство во меѓународни компании ми овозможија контакти и знаење како да се обезбедат средства од европски и светски фондови. Големите инфраструктурни проекти за Струга нема да зависат само од добра волја на Владата – ќе бидат резултат на професионален пристап, силно лобирање и максимално користење на европските можности.