Граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“ (SupportKocani) денеска објави детален извештај за донациите и реализираната помош по трагичниот пожар на 16 март 2025 година. Од формирањето, иницијативата собрала вкупно 4.594.345 денари, покажувајќи висока транспарентност во своето работење.
Обезбедена специјализирана облека и медицински материјали
Голем дел од собраните средства се наменети за медицинска помош, клучна за долготрајната рехабилитација на жртвите:
Компресивна облека: Набавени се вкупно 368 парчиња во вредност од 3.400.307 денари. Облеката веќе е предадена на Општата болница во Кочани.
Директна поддршка за Клиниката за пластична хирургија: На Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје донирани се:
100 комплети T-LAB PRP KIT и 10 комплети Exomine SMART KIT (вредност: 267.000 денари).
Протеини и аминокиселини (вредност: 19.120 денари).
Кремови за еластичност на кожата (вредност: 53.428 денари).
Солидарност и благодарение до донаторите
Од вкупниот прилив на средства, реализирани се 3.758.805 денари, а на сметката се уште се достапни 835.540 денари.
Иницијативата изрази огромна благодарност до сите граѓани, компании и организации од земјата и дијаспората кои се вклучија со донации.
„Овие бројки не се само финансиски податоци – тие се доказ за солидарност, заедништво и човечка хуманост“, велат од „Супорт Кочани“, нагласувајќи дека ќе продолжат да работат сè додека има потреба од помош.