Здружението на инженери на Македонија (ИНРМ) остро реагираше по работниот состанок со членовите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), кој се одржа на 23 мај 2024 година. Главна тема на состанокот беа фактурите за електрична енергија и предложените измени во начинот на нивно пресметување и издавање.
Од ИНРМ потенцираат дека ЕВН Дистрибуција го проби рокот за доставување на податоци побарани од РКЕ за цели 30 дена. Наместо за 10 дена, информациите за бројот на потребни отчитувачи, опрема и трошоци беа испратени со значително задоцнување. Според податоците, трошоците за месечно отчитување на сите броила би достигнале 10 милиони евра во 2025 година, а по 7 милиони евра годишно до 2029 година. ЕВН, во своето образложение, предложи овие средства да се пренасочат кон набавка на околу 100.000 паметни броила годишно, што би овозможило долгорочно одржливо решение.
ИНРМ остро критикува што трошоците и за отчитување и за паметните уреди ќе паѓаат на товар на потрошувачите – спротивно од тоа што беше ветувано од властите при носењето на новиот Закон за енергетика. Дополнително, тие алармираат дека ЕВН не ги почитува законските одредби и не покажува капацитет за квалитетна и навремена услуга.
Во рамки на состанокот, ИНРМ предложи повеќе конкретни мерки за подобрување на системот:
- Двојна идентификација на фактурите (реално отчитани vs. паушални), со вклучен датум и време на отчитување;
- Корективна тримесечна фактура што ќе ги неутрализира паушалите;
- Можност за месечно аконтативно плаќање за лица што престојуваат во странство;
- Известување преку СМС за изготвена фактура;
- Стимулации за потрошувачи кои ќе вршат самоотчитување, со попусти на сметките и подобрена веб-платформа;
- Јасна поделба на блоковите во високата тарифа, со предлог првиот блок да се прошири од 210 на 270 kWh;
- Повик за јавна дебата за терминот „евтина струја“;
- Барање одлуката за цената на струјата повторно да биде во надлежност на РКЕ, наместо на ЕВН Хоме;
- Јавните институции да добиваат електрична енергија по повластени цени од ЕСМ продажба.
Од ИНРМ исто така соопштија дека добиле неофицијална потврда дека до крајот на годината нема да има ново поскапување на електричната енергија, а прашањето околу формулите и пресметките ќе биде повторно отворено во ноември 2025 година.
„Свесни сме дека ЕВН нема капацитет и флексибилност да испорача соодветен квалитет на услуги кон граѓаните“, заклучуваат од ИНРМ, потенцирајќи дека нивните предлози се исклучиво во интерес на потрошувачите.