Инспекциски надзор по смртта на пациентка во тетовската болница

Министерството за здравство  информира дека иницирало инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) во врска со случајот на починатата пациентка во Инфективното одделение на Општата болница во Тетово.

​„Јавноста ќе биде навремено известена по завршувањето на постапката за утврдување на фактичката состојба. Министерството за здравство останува посветено на транспарентноста, одговорноста и обезбедувањето квалитетна здравствена заштита за сите граѓани“, се вели во соопштението на МЗ.

​Полицијата и обвинителството испитуваат

​Настанот бил пријавен во СВР Тетово денеска во 03:20 часот од страна на Ј.С. од село Копанце, тетовско. Тој пријавил дека негова 30-годишна роднина, С.С., била хоспитализирана на Инфективното одделение, но набргу починала.

​Според пријавителот, пациентката била примена на лекување претходниот ден во 19:00 часот, а тој тврди дека не ѝ била укажана соодветна лекарска помош, по што починала. Полициски службеници од СВР Тетово веднаш излегле на местото на настанот. Формиран е тим за испитување на случајот, кој ќе го води дежурен јавен обвинител во содејство со екипа од СВР Тетово.