Во етерот на македонската музика, каде што модерните звуци често доминираат, се појавуваат млади уметници кои со својот талент и посветеност го чуваат изворното богатство. Еден од нив е Душко Никовски, млад пејач кој со својот ангелски глас и вешта свирка на гитара, им дава нов живот на старите македонски песни. Неговата љубов кон традицијата и длабоката посветеност на црковната музика го прават уникатен глас на новата генерација.
Никовски созрева како музичар црпејќи инспирација од македонските музички великани, а неговата мисија е јасна, да ги зачува и пренесе културните корени. Во ексклузивното интервју за нашиот медиум, Душко Никовски ни ги открива почетоците на неговата кариера, неговите најголеми инспирации, зошто традиционалната музика е наше најголемо богатство и што можеме да очекуваме од него наскоро.
Разговараше: Виктор Азманоски
Азманоски: Каде и како започна твојата музичка приказна? Кој беше тој пресуден момент кога реши дека музиката е твојот животен пат?
Никовски: Мојата музичка приказна започна од најмала возраст, односно на мои 11 години на Јојо Фестивал. И уште тогаш одлучив дека сакам да се занимавам со музика и дека тоа ме исполнува.
Азманоски: Како млад изведувач на изворни песни, кои се твоите најголеми музички инспирации и на кои македонски пејачи се одгледуваш?
Никовски: Моите најголеми музички инспирации и луѓе на кои се одгледувам се македонските пејачи Сариевски, Манчевски, Бадев.
Азманоски: Секако, твоите обожаватели со нетрпение очекуваат нови проекти. Можеш ли да ни откриеш нешто повеќе за тоа што го подготвуваш во моментов?
Никовски: Работам на нов проект и наскоро ќе бидат известени моите обожаватели. За секој нов проект и секое ново парче музика од мене.
Азманоски: Како гледаш на традиционалните македонски песни? Зошто сметаш дека е важно тие да се зачуваат и да се изведуваат од младите генерации?
Никовски: Традиционалните македонски песни јас ги сметам како едно од најголемите културни богатства на нашиот народ, сметам дека треба да се зачуваат максимално бидејќи носат голема историја. И сметам дека ние младите треба што можеме повеќе да ги изведуваме и на некој начин да ги оживуваме тие македонски песни кои се од постарите македонски пејачи.
Азманоски: Покрај изворната музика, твоја голема љубов е и црковната, односно духовната музика. Колку таа влијае на твојот музички развој и зошто е толку посебна за тебе?
Никовски: Досега имам објавено неколку изведби на црковни песни. Тие ми се најпосебни. Тоа влијае прекрасно на мојот музички развој. И најсреќен сум кога нив ги изведувам и кога луѓето ќе ги прифатат. Општо духовната музика е мое секојдневие и јас слушам најмногу, ми дава Мир и прекрасна енергија која се трудам да ја пренесам на сите луѓе.