Интервју со заменик министерот за економија, Марјан Ристески.
Разговараше: Виктор Азманоски
Азманоски: Господине Ристески, како се чувствувате во улогата на заменик-министер за економија, откако долго време бевте градоначалник на Прилеп? Дали искуството од локалната самоуправа ви помага во работата на централно ниво, особено во креирањето на економски политики?
Ристески: Прифаќањето на улогата во Министерството за економија ми претставуваше голем професионален предизвик и можност да помогнам во обновата на економски руинираниот систем во Република Македонија. Наследивме навистина тешка состојба: долгови, висока инфлација и голема апатија во системот и кај граѓаните.
Изминатата година, како Влада, напорно работевме на враќање на државата на прав пат. Економијата се стабилизира, имаме економски раст во сите области, а минатата година ја завршивме со рекорден број странски инвестиции. Исто така, имаме капитални инвестиции во сите општини и развој на стратешката инфраструктура.
Искуството од локалната самоуправа, како човек што целата своја професионална кариера ја поминал во општина Прилеп, сметам дека многу ми помогна во работата на новата функција. Особено во пристапот кон работите и односот со луѓето. Многу од моите претходници во министерството паѓаа на замката да водат „салонски политики“ од своите удобни канцеларии, губејќи допир со реалноста. Тоа често води до креирање лоши политики.
Јас сум човек од народот, постојано сум помеѓу луѓето и секое мислење ми е важно. Верувам дека блискоста со граѓаните е мојата најсилна страна. Добар политичар мора да е отворен, да е на терен, да се среќава со луѓе и да прима совети, предлози, но и добронамерни критики. Само таков пристап може да доведе до добри и издржани политики.
Азманоски: Анализите покажуваат дека Прилеп е општина со значителни економски предизвици. Како поранешен градоначалник, која е вашата оценка за тековната економска состојба во градот и кои конкретни мерки сметате дека се неопходни за да се поттикне развојот?
Ристески: Прилеп е град кој постојано се менува и е во континуиран раст и развој. Сметам дека со последните инвестиции во патната инфраструктура, особено со поврзувањето на Скопје и Прилеп, како и идните инвестиции за автопатско поврзување со Битола и Грција, ќе се отворат нови големи можности за инвестициски развој на регионот.
Државата инвестира, а стопанството го следи тој тек. Она што е потребно е и самите општини да бидат неколку чекори понапред, да инвестираат во инфраструктурата и да бидат подготвени да излезат во пресрет на потенцијалните инвеститори.
Азманоски: Прилеп се соочува со голем одлив на млади кадри. Како би го решиле овој проблем, особено со оглед на вашата улога во Министерството за економија и труд?
Ристески: За жал, не само Прилеп, туку целата држава и балканскиот регион се соочуваат со ова горливо прашање за заминување на младите во потрага по подобра егзистенција. Иселувањето создава масивна миграција на пазарот на труд, недостиг на работна сила и проблеми со пензискиот фонд.
Ние, како Влада, не останавме неми на затекнатата катастрофална состојба и стратешки започнавме да се бориме со проблемите преку подобрување на условите за младите да останат во државата и да имаат можност да се реализираат.
Проекти се реализираат во земјоделството и образованието. Во Министерството за економија и труд, влијаеме преку Оперативниот план за вработување за 2025 година, кој е револуционерен на многу нивоа. Овој план тежи над 40 милиони евра, што е за 7,5 милиони евра повеќе споредено со претходната година и е рекорден износ на поддршка. Со него ќе бидат опфатени вкупно 16.507 лица.
Главниот фокус на овој историски план се младите. Имаме специјално креирани мерки само за нив, за нивно вработување, самовработување и обуки со цел да се зголемат нивните вештини, а со тоа и можностите за нивно вклучување на пазарот на труд.
Најинтересна е мерката за самовработување, со која за млади лица до 29 години даваме неповратна финансиска поддршка во износ од 10.000 евра, додека за лицата над 29 години до 7.000 евра. При здружување на двајца корисници за основање бизнис, висината на финансиска поддршка изнесува од 14.000 до 20.000 евра. Фактот што само за оваа мерка се пријавија над 6.000 лица, говори дека ова е вистинскиот начин.
Азманоски: Како поранешен градоначалник, бевте сведок на многу успеси, но и на критики. Што е тоа што би го направиле поинаку денес, имајќи го предвид искуството од трите мандати?
Ристески: Сите сме луѓе и правиме грешки. Мислам дека имав среќа моите грешки да бидат ретки и мали, и дека не направив некои поголеми грешки со трајни последици. Од друга страна, мислам дека од помалите грешки многу научив и се погрижив да не ги повторувам. Тие ми беа лекција за подобрување на мојата работа и пристап кон нештата.
Азманоски: Многумина ве гледаат како сигурен кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за Прилеп. Како би ја искористиле вашата актуелна позиција во владата за да донесете повеќе проекти во градот, и дали тоа ќе ви даде предност пред другите потенцијални кандидати?
Ристески: Во моментов не сум официјален кандидат за градоначалник, па сметам дека е прерано да разговараме на овие теми. Јас сум заменик-министер и сум фокусиран на целосно реализирање на моите обврски и проектите од програмата на Владата на Република Македонија.