​Интервју со Игор Каравилоски: Кривогаштани ќе се поврзе со Студенчица и ќе стане првата рурална општина со цел спектар на социјални услуги

Во пресрет на изборите, разговараме со Игор Каравилоски, кандидат за градоначалник на Општина Кривогаштани од СДСМ. Тој ги открива своите планови, визии и конкретни проекти со кои планира да ги реши најгорливите проблеми на граѓаните. Од подобрување на инфраструктурата и водоснабдувањето, до поддршка на земјоделството и грижа за младите и ранливите категории.

Разговараше: Виктор Азманоски


Азманоски: Г-дин Каравилоски, кои се вашите три главни приоритети за развој на Општина Кривогаштани и како планирате да ги реализирате?

​Каравилоски: Моите три главни приоритети произлегуваат директно од потребите на граѓаните.

​Прво – сигурно и квалитетно водоснабдување преку поврзувањето на локалната водоводна мрежа со регионалниот систем „Студенчица“. Тоа ќе значи стабилно водоснабдување за сите населени места и трајно решавање на проблемот кој со децении ги мачи жителите.

​Второ – целосна изградба или доградба на канализационата мрежа во сите населени места, како и модернизација на пречистителните станици. Со тоа ќе ги заштитиме подземните води, ќе обезбедиме почиста животна средина и ќе се усогласиме со европските стандарди.

​Трето – економски развој преку поддршка на земјоделството и отворање нови можности за младите. Со развој на Агро – индустриски центар во Славеј и вложувања во младински проекти, ќе создадеме нови работни места и причини луѓето да останат во општината.

​Овие приоритети ќе ги реализираме со комбинација на општинскиот буџет, европските фондови (ИПАРД и ИПА), државни програми и преку јавно-приватни партнерства.

Азманоски: Според вас, кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат жителите на општината и што ќе преземете за да ги решите?

​Каравилоски: Прво, инфраструктурата – чести дефекти на водоводот, делумно покривање со канализација и неасфалтирани патишта во повеќе населени места.

​Второ, иселувањето на младите. Нема иднина без млади луѓе. Наша обврска е да создадеме услови тие да останат тука.

Азманоски: Каков е вашиот план за подобрување на инфраструктурата, особено во однос на водоснабдувањето, патиштата и канализацијата?

​Каравилоски: Инфраструктурата е темелот за развојот и жалосно е што во 2025 година сеуште зборуваме за елементарни услови за урбано живеење во дел од населените места.

​Како што истакнав, во однос на водоснабдувањето, главниот проект е приклучување на општината кон „Студенчица“ – инвестиција што ќе обезбеди сигурна вода за сите жители, ќе ја исклучи зависноста од старите бунари и ќе ги намали трошоците на ЈП „Пелагонија“.

​Во врска со канализацијата, ќе изградиме систем во сите преостанати населени места, со приклученост од 90–95% и соодветни пречистителни станици. Сегашната прочистителна станица во Кривогаштани ќе ја реконструираме и модернизираме со автоматизиран систем за управување по европски стандарди за животна средина.

​Што се однесува до патиштата, најголем приоритет е заедно со ЈПДП да го прошириме регионалниот пат Р2335 (Кривогаштани–Обршани–Воѓани) и да го направиме побезбеден и побрз за сообраќај.

​Општината ќе инвестира и во асфалтирање на локални улици, изградба на тротоари, пешачки патеки и осветлување.

Азманоски: Земјоделството е клучно за економијата во вашиот регион. Кои конкретни мерки ќе ги преземете за поддршка на земјоделците и за поттикнување на локалната економија?

​Каравилоски: Земјоделството е двигател на нашата општина, бидејќи огромен дел од семејствата, директно или индиректно егзистираат од земјоделското производство.

​Со проширувањето на индустриската зона во Славеј во Агро-индустриски центар, земјоделците ќе добијат посигурен пласман и стабилни цени.

​Општината ќе организира информативни сесии, обуки и трибини за поддршка на земјоделците при аплицирање за ИПАРД/ИПА програмите, а паралелно на општинската веб-страница редовно ќе се објавуваат актуелни повици со јасни инструкции и видео-туторијали.

​Исто така, редовно и навремено ќе се одржуваат пристапните патишта до земјоделското земјиште во сите населени места.

Азманоски: Како ќе ја подобрите транспарентноста и отчетноста на локалната самоуправа за да ги вклучите граѓаните во процесот на донесување одлуки?

​Каравилоски: Довербата во институциите е клучна. Затоа мојата цел е општината да биде целосно отворена и блиска до граѓаните.

​Ќе воведеме современа веб-платформа каде секој ќе може да следи како се трошат буџетските пари – проект по проект. Ќе објавуваме јавни набавки, договори и извештаи за реализација и ќе организираме јавни дебати и анкети за секој поголем проект, за граѓаните да имаат вистински глас во одлучувањето.

​Со ова, општината ќе биде сервис на граѓаните, а не затворена институција.

​Азманоски: Која е вашата визија за развој на младите во Кривогаштани и како планирате да го намалите одливот на младите од општината?

Каравилоски: Младите се срцето на заедницата и ако тие заминуваат ние немаме иднина.

Ќе го модернизираме младинскиот центар со нова опрема, простории за работа и креативност, дигитални алатки и програми за обуки. Ќе организираме курсеви за странски јазици, дигитални вештини и претприемништво.

​Општината ќе издвојува посебен дел од буџетот за младите – за нивните идеи, стартапи и културни или спортски активности.

​Ќе вложуваме и во образование, култура и спорт – модерни училишта, инклузивни програми и поддршка за младински фестивали и проекти. Со овие мерки младите ќе имаат перспектива овде, во својата општина, без потреба да заминуваат.

Азманоски: Доколку станете градоначалник, како ќе соработувате со централната власт и со другите општини за да обезбедите повеќе средства и проекти за Кривогаштани?

​Каравилоски: Општина Кривогаштани сама не може да ги реализира сите проекти – затоа ќе работиме во партнерство. Со централната власт ќе соработуваме за инфраструктурни проекти како што се регионалниот пат Р2335 и финансирање на капитални инвестиции преку национални програми, а со соседните општини ќе развиваме заеднички иницијативи. Ќе аплицираме за европски фондови со меѓуопштински проекти, бидејќи ЕУ сè повеќе поддржува регионални иницијативи.

Со отворена и активна соработка, ќе донесеме повеќе пари и проекти и ќе ја ставиме општината на мапата на успешни и развојно ориентирани средини.

Азманоски: Еден од проблемите во многу општини е загадувањето и управувањето со отпад. Што ќе преземете за Кривогаштани да биде почиста и позелена општина?

​Каравилоски: Нашата цел е Кривогаштани да стане општина со чиста и здрава животна средина. Ќе ги отстраниме дивите депонии, а во секое населено место ќе поставиме современи контејнери за селекција и рециклирање на отпадот кои веќе се набавени. Планираме да изградиме компостара за зелен отпад од јавни површини, домашни дворови и индустриски капацитети, со што ќе се намали биоотпадот и ќе се создаде органско ѓубриво за земјоделците. Дополнително, ќе ја засилиме хигиената на јавните простори со редовно чистење и одржување на парковите, улиците и тротоарите. Со уредување на нови зелени површини, ќе обезбедиме почист воздух и поубава околина.

Азманоски: Како ќе обезбедите подобри услови за ранливите категории граѓани?

​Каравилоски: Во нашата општина веќе направивме чекори за инклузија – сензорна соба во градинката во Обршани, инклузивно игралиште и партнерства со невладиниот сектор за индивидуален третман на деца со попреченост. Но бројот на деца со атипичен развој расте, а семејствата често се соочуваат со економски проблеми и предизвик секојдневно да патуваат во Прилеп или Битола.

​Затоа нашата цел е услугите да ги донесеме во заедницата. Дневниот центар ќе обедини терапија, психосоцијална поддршка, инклузивно образование и советување за родителите – сè на едно место и достапно за сите. Така Кривогаштани ќе стане прва рурална општина со цел спектар на социјални услуги.

​Истовремено, со проектот „Здрав пензионер“ ќе овозможиме бесплатни превентивни прегледи и мобилни тимови што ќе стигнат до секое село. Со тоа ќе помогнеме нашите пензионери да живеат поздраво, подолго и достоинствено.

​Така ќе покажеме дека Кривогаштани е општина која се грижи за сите, без исклучок.