Иле Бачанов е носител на независната листа за членови на советот на Општина Прилеп. Со својата кандидатура како претставник на група избирачи, тој се обидува да го премости јазот помеѓу граѓаните и традиционалните партиски структури. Во ова интервју, тој зборува за своите мотиви, визијата за градот и принципите од кои никогаш не би отстапил.
Разговараше: Виктор Азманоски
Азманоски: Вашата кандидатура е како претставник на група избирачи, што е невообичаен чекор. Кои се најголемите предизвици што ги очекувате во општинскиот совет од оваа позиција и како планирате да ја премостите бариерата на традиционалните партиски структури?
Бачанов: Како инженер по струка, најлесно би ми било да направам една јасна споредбена табела. Од едната страна да го ставам гласачот што сака промена, а од другата страна партијата што секоја одлука ја чека од базата. Оттука и идејата да се кандидираме како независни, затоа што веруваме дека гласот на граѓаните мора да биде посилен од интересите на партиите. Под мотото „Доста е од партиски директиви“, улогата на независниот член на Советот на Општина Прилеп е да биде мост помеѓу граѓаните и институциите, кои буквално се претворени во партиски штабови и го игнорираат гласот на народот. Нашата цел е Советот на Општина Прилеп да биде отворен и достапен за секој граѓанин.
Азманоски: Што е тоа што ве мотивира да влезете во политиката токму сега? Каков личен момент, искуство или настан ве натера да одлучите дека е време да се вклучите на овој начин?
Бачанов: Како прво, не мислам дека е политика ненавременото санирање на дупките по улиците, ниту неосветлените пешачки премини, ниту неиздавањето дозволи за градба, ниту затворените веќе постоечки три спортски сали. Но, овде, за жал, и тоа е политика. Тоа е фактот што ме мотивира, заедно со мојот тим од Независната листа, да влеземе во една изборна трка. Не мотивираа проблемите на прилепчани, кои се ставаат само под тепих и стануваат сè понерешливи, заглавени во некои административни лавиринти, од каде што се добиваат само лажни ветувања и никогаш вистински решенија. И дали има поголем мотив или поголем аларм да се охрабриш и да се вклучиш во еден процес, од алармот кога сопственото дете ќе ти рече: „Јас немам причина да останам овде“? Ако не се вклучиме сега, утре може ќе биде доцна.
Азманоски: Често се зборува за иселувањето на младите. Што е вашиот конкретен предлог, кој не е поврзан со нови работни места, туку со квалитетот на животот, за да ги задржите младите во Прилеп?
Бачанов: Тука го гледам најголемиот проблем или најголемата грешка што ја правиме, дури и во поставувањето на новинарските прашања. Што вие ќе направите за младите? Ние не треба да им кажеме на младите што треба да прават, ние треба само да ги прашаме што сакаат да прават. Тие точно знаат што сакаат, треба само да им дадеме глас и да им овозможиме активно, преку младинскиот совет, кој не само формално, туку и реално ќе учествува во креирањето на локалната политика. Ние сме должни само да им понудиме структурни решенија, да им изградиме спортски зони, канцеларии за младински културен центар, да ги реконструираме трите спортски сали, да изградиме нов модерен театар, повторно да формираме спортски клубови во колективните спортови како кошарка и одбојка и да дадеме поддршка на клубовите за здравствена, нутритивна и психолошка грижа на младите спортисти. Само така и никако поинаку младите ќе се почувствуваат дека иднина можат да градат овде, а не во друг град или држава. Младите точно знаат што сакаат, а тоа е пред сè чесен и праведен Прилеп.
Азманоски: Наместо стандардна листа на проекти, да се фокусираме на визијата: како го гледате Прилеп за 10-15 години? Која е една клучна промена која, доколку се случи, би го трансформирала градот на најзначаен начин?
Бачанов: Ако е волја на гласачите, Прилеп за првпат во Советот на Општината ќе има рударски инженер кој јавно ќе каже дека фразата „Прилеп – град на мермерот“ е излитена фраза која ја слушаме веќе 35 години, а која за граѓаните на Прилеп носи само еколошка катастрофа, со многу мал економски бенефит. Под мотото „Инвеститори, а не окупатори“, ќе се залагам новата локална самоуправа, заедно со мене, да изгради долгорочна стратегија за силна локална економија преку развој на рударството. Стратегија за рекултивација на сите активни и напуштени рудници или „Зелен Прилеп“. Потребно е итно инфраструктурно решение за транспортот на материјалот од рудниците со изградба на нов пат на локацијата Леково-Плетвар и обиколница за приклучок на експресниот пат. Не смееме да дозволиме 40-тонски камиони да ни го загрозуваат сообраќајот во централното градско подрачје. Стоп за минирањето во рудниците, со што ќе се продолжи векот на експлоатација и ќе се воведе колективна општествена одговорност. Не можеме да дозволиме краткорочниот профит да значи долгорочна штета за нашите деца. Ете го Прилеп со вистинска стратегија, за 10-15 години како град на можности, а не град на иселување.
Азманоски: Прилеп има богата историја и уникатен идентитет. Кој е вашиот омилен дел од културната приказна на Прилеп и како мислите да ја искористите културата како алатка за развој, а не само како украс?
Бачанов: За жал, Прилеп и прилепчани го губат идентитетот, или имаат криза на идентитет. Имаме ансамбл, немаме театар. Имаме локални фестивали, без никаква активност и поддршка од локалната самоуправа. Имаме разрушена џамија, која е уникатна за исламската култура со две минариња, која под итно треба да се претвори во музеј. Имаме разрушена градска бања што треба да се реставрира. Ги имаме Марковите кули кои треба да бидат туристички бренд на градот и под итно е потребна реставрација на Старата Прилепска чаршија (за која веќе има одобрение за градба). Културата во суштина ја сочинуваат две компоненти: традиционалните норми, верувања, вредности и однесување, од една страна, и поединецот, од друга страна, кој активно влијае врз сето ова. Културата ја гледам како мост помеѓу традицијата и иднината, а никако не ја гледам како украс, туку како мотор за развој, преку поддршка на младите уметници, локални фестивали итн.
Азманоски: Политичкиот живот е полн со компромиси. Која е една област или принцип од кој никогаш не би отстапиле, без разлика на цената?
Бачанов: Ми поставивте едно комплексно прашање, ама ќе одговорам многу кратко. Точност, чесност, транспарентност и емпатија во комуникацијата се моите принципи од кои никогаш и за никаква цена не би отстапил во животот. Да кажам по прилепски, живеам по принципот: ако некогаш и било каде го сретнеш моето дете и го прашаш „Чие си ти дете?“, кога ќе ти каже „Јас сум од Иле Бачанов“, да му речеш „Најмалку што можам е да те частам едно сокче, оти татко ти е убав човек“. Или принципот „почитувај за да бидеш почитуван“.
Азманоски: Замислете да сте во ситуација да донесете една, многу тешка одлука која ќе влијае на многу граѓани. Која е таа одлука и како би пристапиле кон нејзиното носење?
Бачанов: Нема тешки одлуки, има само нетранспарентни одлуки. Одлуки кои се прават зад затворени врати и завршуваат секогаш катастрофално или со лоши последици и за тој што ги носел и за тој за кого биле донесени истите. Такви нетранспарентни одлуки носат само партиите и затоа сме овде каде што сме. Нема лоши одлуки ако главната цел е во интерес на граѓанинот, Прилеп, нашите деца, зашто на крајот на денот, за нашите деца се работи. Ви благодарам за отстапеното место.