Интервју со Катерина Цаневска: Се вратив од работ на животот и не се вратив за да седам и молчам

Познатото новинарско лице Катерина Цаневска, која со години беше еден од најпрепознатливите гласови и лица во македонскиот медиумски простор, сега ја започнува својата политичка приказна. Откако помина низ тешки животни премрежја и професионални трансформации, таа влегува во новата улога како носител на советничката листа на СДСМ за Град Скопје. Во ексклузивното интервју, Цаневска искрено зборува за своите искуства, за суровата реалност на медиумската сцена, за нејзината визија за Скопје и за тоа што ја поттикнало повторно да се бори, овој пат на политичката сцена.

Разговараше:​ Виктор Азманоски


Азманоски: Политичката арена е позната по своите сурови игри. Со оглед на тоа што имате и лично искуство со тешка животна битка, како го дефинирате поимот „сила“ денес, во контекст на јавниот живот?

​Цаневска: Минував тешки премрежја во животот – губејќи ја егзистенцијата со насилното затворање на А1 телевизија, со факултетски образована ќерка која не ѝ дозволуваа да се вработи само затоа што е моја ќерка, финансиска немоќ и немаштија и борбата со ракот. Но, никогаш не потклекнав. Вистинската сила е кога ќе успееш да се исправиш и ќе продолжиш кога сите мислат дека со тебе е готово. Сила е кога не се предаваш. Сила е да останеш чесен, да не го загубиш гласот на совеста, да помогнеш и да останеш човек.

Азманоски: Вашата кариера опфаќа различни улоги: од новинарка и гласник на вистината, до портпарол на институциите. Дали и како се разликува обврската кон вистината кога работите „од двете страни на микрофонот“?

​Цаневска: Обврската е секогаш иста – да се бориш за вистината, без оглед на која страна на микрофонот или камерата се наоѓаш. Сепак, одговорноста е поголема кога си претставник на институција; треба голема внимателност, умешност за комуникација и пред сѐ транспарентност. Институциите ги плаќаат граѓаните и тие имаат право да знаат, да бидат информирани. Како новинар, ја бараш вистината. Како портпарол, се бориш таа вистина да биде слушната, без да ја затскриваш зад „пристојни и стерилни“ формулации. Не сум дозволила улогата која ја вршам во одреден момент да ми ја наруши етичката линија, затоа што верувам дека јавноста заслужува искреност.

Азманоски: Некогаш работевте за А1 телевизија, медиум кој беше симбол на слободно новинарство. Денес, медиумската слика е многу поинаква. Како го оценувате квалитетот на новинарството во Македонија денес и дали се чувствувате одговорни, барем малку, за состојбата на медиумите во земјава?

​Цаневска: А1 телевизија беше најгледана телевизија и со големо влијание во формирањето на јавното мислење. Очигледно тоа не ѝ одговараше на тогашната власт и затоа на еден митинг од говорница, граѓаните беа повикани: „Не ѝ верувајте на А1 телевизија“. Секогаш велев, доколку имало криминал во работењето, треба да се одговара за тоа, но не да се затвораат медиуми. И тоа не беше причина, бидејќи тогаш беше демонстрирана само сила и тупаници врз А1 телевизија.

​Секоја власт сакала да притиска врз медиумите и да ги држи во економски стеги. Ова особено важи за Јавниот сервис, Македонската радио телевизија, каде ги минав сите професионални и животни скалила. Ова беше и тема на мојот магистерски труд и можам да кажам дека треба уште многу работи да се сменат за да имаме вистински јавен сервис. Искрено, чувствувам и одговорност – не само јас лично, туку мислам и сите ние што заминавме од Македонската телевизија или од медиуми во институции. Можеби не направивме доволно за да ги заштитиме медиумите кога најмногу им требаше. Јас за себе знам дека морав да заминам заради егзистенција. Затоа секогаш за мене е важна мојата борба за транспарентност и професионални стандарди во сѐ што се работи.

Азманоски: Како личност која се борела со сериозна болест, верувате ли дека системот на јавно здравство во Македонија е подготвен да одговори на потребите на граѓаните? Кој е првиот и најсуштински чекор кој би го презеле за да го подобрите здравствениот систем, освен зголемувањето на платите?

​Цаневска: Одговорот, за жал, е не, Македонија не успеа да го „излекува“ здравството. За жал, јас тоа го видов одблизу. На Онкологија има пожртвувани лекари и сестри, кои дневно прегледуваат или аплицираат терапија на стотици пациенти. Секојдневни се турканиците, сѐ уште и покрај сите ветувања ја нема комплетната терапија, еве во овој момент речиси цел месец нема ни тумор маркери. Нечовечно е малтретирањето на пациентите кои и по час време вртат со автомобили барајќи паркинг на Клинички. Нема многу филозофија, зарем е толку тешко да се изгради монтажна гаража? Во самиот Клинички центар има доволно неискористен простор. Не е решение дека онколошките пациенти ќе имаат бесплатен паркинг, па тие со извештај имаат и сега, но како да најдат паркинг место? Значи за сѐ па и во здравството треба системско решение, а не решенија од типот „купи ден, помини“. Здравствениот систем е преоптоварен, често нефункционален и демотивиран. Сепак ова е должност на оние кои се за тоа избрани и примаат плата, ова е само мое човечко гледање, но само ќе кажам, здравството мора да биде хумано, достапно и чесно.

Азманоски: Градоначалникот на Центар и Градот Скопје се едни од најважните позиции во локалната власт. Што мислите за начинот на кој се владееше со Скопје досега и дали сметате дека градот може да се води „поженствено“, со повеќе емпатија и социјална одговорност?

​Цаневска: Јас сум со генерации скопјанка, родена чаирчанка, сум живеела во Пржино, Центар и сега во Карпош. И многу добро знам како пулсира и што му треба на моето Скопје. За жал имаме четири години изгубени и застој во развојот, поради тоа што стана поле на политички мегдан, кавги, неработа. Од големата љубов и фалби, градоначалничката и ВМРО-ДПМНЕ ја распукаа тиквата кога парите влегоа во игра. И како резултат на тоа имаме нефункционални јавни претпријатија, немаме соодветен јавен превоз, но имаме купишта ѓубре и смрдеа, нечистотија и бетонизација. За жал, поради четиригодишното владеење на Данела која беше предложена од ВМРО-ДПМНЕ, се создаде перцепција дека жена не умее да менаџира со локалната самоуправа. Сега, со Каја Шукова, ќе го докажеме спротивното. Ќе докажеме дека со вистински избор, жените можат да бидат вистински лидерки и да управуваат во интерес на Градот и за добробит на скопјани. На Скопје му треба душа и човечност, а не нереални ветувања за решавање на проблемот со Вардариште од кое сега се гушат не само жителите на Аеродром, Гази Баба и Кисела Вода, туку и цело Скопје. Но затоа, додека граѓаните со право протестираат, некој приредува настани и забави, наместо како одговорни да го решат проблемот. Управувањето со градот треба да биде одговорно и професионално. Тоа што велите „поженствено“ водство, за мене значи владеење со емпатија, со љубов и почитување на скопјани, со слух за реалните проблеми и со посветеност за решавање на секојдневните потреби на луѓето. Не празни ветувања за некакви си големи проекти, туку и мали победи што го прават животот полесен. Скопје едноставно треба да се сака.

Азманоски: Како жена во политика, се соочувате со стереотипи и предрасуди. Кој е најголемиот стереотип со кој сте се сретнале и како се справувате со него? Дали мислите дека жените треба да бидат повеќе застапени во политиката?

​Цаневска: Секогаш сум се залагала дека треба да има систем на ценење на вредности и знаење. Да, жените треба да бидат повеќе застапени, но не како украс или „квота“, туку како носители на одлуки и затоа што вредат. За тоа треба храброст, поддршка и пред сѐ солидарност меѓу нас. Кога беше објавено дека сум кандидат за носител на листа за Скопје, се јавија некои „загрижени“, се залауфаа партиските ботови, па имаше коментари на мојот физички изглед, па на возраста, па ми препорачаа да сум чувала внуци, а некои прашаа дали веста е зафрканција. Еве да им одговорам, не не е зафрканција, туку чест и одговорност. Дали некој може да ми го оспори знаењето за тоа како треба да функционира локалната самоуправа? Па како новинар редовно известував за носењето на законите од оваа област и за работата на општините, пет години, кога беше најтешко, работев во Општина Центар, потоа во Собрание и последните пет години во Кабинетот на претседателот. Дури имаше некои коментари од типот – па нели оваа ќе умираше. Е, не, имам сила, знаење и желба и можам и сакам многу да сработам за Скопје.

Азманоски: Со оглед на тоа што Град Скопје има голем број проблеми, од загадување и урбан хаос, до јавен превоз и инфраструктура, што е првиот проект или првата клучна иницијатива која би ја поставиле како приоритет на советничката агенда, и зошто токму тој проект го сметате за најитен и најважен за иднината на градот?

​Цаневска: Град Скопје треба да започне со рестартирање поради четиригодишното неработење или погрешно работење. Има натрупани проблеми, кои со добро раководство и со квалитетни и искусни луѓе од сите партии во Советот, ќе се решаваат. На градот му треба интегрирано решение за јавниот превоз, за Вардариште, за хигиената, квалитетни услови за учениците, помош на маргинализираните, но основно е здрав и чист воздух и зеленило. Чист воздух не е привилегија. Тоа е право. Скопје мора да дише – со зелени зони, казни за загадувачите и град кој не живее во прашина, нехигиена, затрупан во смет. За сѐ нудиме конкретни и брзи решенија, а не нереални и празни ветувања.

Азманоски: На крај, секоја ваша животна етапа – од новинарството, преку борбата за живот, до влезот во политиката – ја одбележаа драматични пресврти. Што научивте од сите овие трансформации и што е она што ве прави уверени дека овој пат, оваа нова фаза, е вистинскиот пат за вас?

​Цаневска: Мојот живот е добра лекција, некогаш болна, некогаш среќна, но моја. Секој чекор сама го изодев и никој не знае и не може да суди за мене зошто не бил во моите чевли. Научив дека ништо не е загарантирано, ниту здравјето, ниту кариерата, ниту утрешниот ден. Борбата за живот буквално ми покажа колку е кратко времето што го имаме за да направиме нешто, научив како треба да се бори човек кога нема веќе што плус да изгуби. Тоа не беше само лична битка, туку пресврт што ме научи на непокор. На тоа дека никој не смее да ти го одземе гласот, ниту правото на избор. Пред две години се вратив од работ на животот, и не се вратив за да седам и молчам.

​Политиката не ми беше план – таа ми се случи кога сфатив дека повеќе не можам само да зборувам, кога сфатив дека треба да се соочам со сите рани, со сите порази, и да кажам: доста е. Јас одам по овој пат не затоа што е лесен, туку затоа што знам и можам да сработам и без навреди, инаети, борби за тендери, туку со план и визија да ја смениме сликата на Скопје.