Фудбалскиот клуб Вардар конечно го прекина долгогодишниот пост и по цели 18 години повторно го освои Купот на Македонија, победувајќи ја екипата на Струга Трим Лум со 2-0 во финалето одиграно со многу тензија и спортска драма. Со оваа победа, „црвено-црните“ не само што се закитија со трофеј, туку си обезбедија и место во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА.
Херој на вечерта беше Михаил Талевски, кој со два гола (во 26. и 49. минута) ги реши дилемите околу победникот и го внесе Вардар повторно на европската фудбалска мапа.
Натпреварот започна со иницијатива на Струга, која преку Укпа и Радески создаде неколку закани, но без реализација. Вардар ја дочека својата шанса по контра-акција, кога Јанкулов нафрли прецизно, а Талевски го отвори резултатот. Иако Струга се обиде да се врати во игра, немаше конкретни решенија пред голот на Талески.
Во вториот дел, Вардар со вториот погодок на Талевски рано ја осигура победата и мудро го контролираше натпреварот до самиот крај. И покрај неколкуте обиди на Струга и тактичките измени на тренерот Ѓорѓиоски, „црвено-црната“ одбрана беше непоместлива.
Со оваа победа, Вардар не само што го прекина своето „проклетство“ во националниот куп, туку им испрати јасна порака на домашната фудбалска сцена – се вратија на голема врата и се подготвени за нови европски предизвици.