Историски медицински чекор: Прва микробранова аблација на тироидна жлезда изведена во ГОБ „8-ми Септември“

Во Јавната здравствена установа ГОБ „8-ми Септември“ за првпат во Македонија е изведена микробранова аблација на тироидна жлезда – напредна и минимално инвазивна процедура што претставува значаен чекор во развојот на современите методи за третман на тироидни јазли.

Процедурата е изведена на одделот за дијагностичка и интервентна радиологија, во тесна тимска соработка со одделот за ендокринологија, под раководство на интервентните радиолози д-р Филип Ристески, д-р Славица Чалческа, асс. спец. д-р Андреа Нанчева-Богоевска и д-р Ивона Јованоска. Интервенцијата беше поддржана и од ендокринолозите д-р Радмила Милошевска и д-р Наташа Недеска-Минова, а дополнителна стручна помош обезбеди проф. д-р Булент Чекиќ, еден од водечките интервенциони радиолози од Анталија, Турција.

Оваа прецизна и современа процедура овозможува лекување на тироидни јазли без потреба од хируршка интервенција, што значително го намалува ризикот и времето за опоравување на пациентите.

По тој повод, болницата ја посетија заменик-министерот за здравство Јовица Андовски и директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски, кои ја поздравија иновативноста и професионалноста на медицинскиот тим.

„Овој успех претставува темел за понатамошен напредок во примената на интервентната радиологија во македонското јавно здравство“, истакнуваат од Министерството за здравство.

Министерството дополнително информира дека ваквиот тип интервенции ќе продолжат да се развиваат и унапредуваат, со цел да се зголеми достапноста до напредни третмани за сите пациенти во државата.