Европската ракометна федерација (ЕХФ) ја донесе конечната и официјална одлука: РК Алкалоид е новиот освојувач на Европскиот куп за сезоната 2024/25! Македонскиот клуб го доби реваншот против грчкиот АЕК со службени 10-0, поради одбивањето на противникот да се појави на теренот во Скопје.
Со тоа, Алкалоид – кој претходно славеше со 25-29 во Атина – стигнува до историски успех: прв европски трофеј во историјата на клубот и значајна страница за македонскиот ракомет.
„Ракометниот суд на ЕХФ утврди дека АЕК Атина бил должен да настапи на закажаниот натпревар на 25 мај во Скопје. Со неговото непојавување, грчкиот клуб ги прекршил правилата и затоа сноси одговорност“, се наведува во соопштението на федерацијата.
Одлуката гласи:
„Резултатот од реваншот се регистрира со 10-0 во корист на РК Алкалоид, кој со тоа е прогласен за победник на Европскиот куп за мажи за сезоната 2024/25. Сите предности што произлегуваат од оваа титула му припаѓаат на клубот од Скопје.“
ЕХФ најави дека дополнителни дисциплински постапки за однесувањето на АЕК, потенцијалните штети и билетите се сè уште во тек. Жалба може да се поднесе до Апелациониот суд на ЕХФ во рок од седум дена, но без суспензивно дејство.
Овој триумф е посебно значаен и за тренерот Кире Лазаров – легендата на македонскиот ракомет – за кого ова е прв европски трофеј во тренерската кариера, по сите славни титули освоени како играч.