Клиниката за неврохирургија воведе нова минимално инвазивна постапка – операција на мозок со помош на системот за стереотаксија (framed stereotactic brain biopsy). Со ова, се испишува ново поглавје во домашната неврохирургија, а постапката нуди можност за лекување на невро-дегенеративни заболувања за кои досега пациентите беа упатувани на лекување во странство.
Министерот за здравство, Алиу, изјави дека е големо задоволство кога се воведуваат нови методи во јавните здравствени установи.
„Станува збор за минимално инвазивна постапка која се изведува со помош на рамка што се поставува врз главата на пациентот. Потоа, со помош на посебни тридимензионални пресметувања се планира точната локација на интервенцијата во внатрешноста на главата и се зема материјал за анализа“, појасни министерот.
За реализација на оваа интервенција, претходеле подготовки и обука со тим на експерти од Бразил, предводени од професорот Маноел Јакобсен Теишеира од Универзитетот Сао Паоло и инженерот Антонио Мартос Калво.
Тимот што ја изведе значајната интервенција е составен од неврохирурзите: д-р Роберт Шумковски, д-р Ивица Коцевски, д-р Љуљзим Агаи и анестезиологот д-р Радмила Панговска.
Директорот на Клиниката за неврохирургија, д-р Љуљзим Агаи, ја нагласи важноста на новата метода.
„Оваа постапка нуди во иднина исклучителни можности за развој на функционалната неврохирургија и лекувањето на разните невро-дегенеративни заболувања, поради кои нашите пациенти согласно досегашната пракса се упатуваа на лекување во странство“, објасни д-р Агаи, заблагодарувајќи се на целиот тим и на Клиниката за радиологија за поддршката.