Иџе ќе ја вози својата 200-та трка во кариерата

Најтрофејниот македонски автомобилист, Игор Стефановски – Иџе, овој викенд во Хрватска ќе одбележи голем јубилеј – 200-та трка во својата кариера. Настанот ќе се одржи на патеката во Бузет, каде ќе се вози последната трка од ФИА Европскиот шампионат на ридски патеки (EHC) за 2025 година.

​Иџе ќе настапи со својот Ферари 488 B8, а на трката се пријавени дури 241 возач.

​Во моментов, Стефановски се наоѓа на втората позиција во генералниот пласман во групата 1 на шампионатот. Тој веќе е носител на европската титула во ова натпреварување.

​„Очекувам добра трка. Посакувам да постигнеме одличен резултат и во овој шампионат“, изјави Стефановски.

​Тој ја започна својата кариера во 2001 година, а во изминатите 199 трки има забележано 83 победи и 122 подиуми.