Граѓаните на Кавадарци од сега ќе можат да уживаат во новите содржини на обновениот парк „Страшо Пинџур“, кој се наоѓа во рамки на СОЗШУ „Ѓорче Петров“ и се простира на површина од 14.000 квадратни метри. Инвестицијата изнесува 9.870.000 денари.
Со реализацијата на проектот се реконструирани постоечките спортски игралишта, фудбалско и кошаркарско, при што се поставени нови конструкции за кошеви и голови. Дополнително, изградени се пешачки патеки, поставено е целосно осветлување и систем за наводнување, со што паркот доби комплетна функционалност.
Паркот е опремен со детски реквизити, урбана опрема како клупи, корпи и фонтана, со цел да им понуди квалитетен простор за рекреација и дружење на сите генерации.
Во рамки на заложбите за унапредување на урбаното зеленило, Општина Кавадарци во соработка со СОЗШУ „Ѓорче Петров“ и ЈП „Комуналец“ засади над 220 дрвја и 10.000 квадратни метри тревна површина. На есен, доколку дозволат временските услови, ќе продолжи дополнителното пошумување со цел зголемување на зеленилото во паркот.
„Со љубов за Кавадарци“, порачува градоначалникот Митко Јанчев.