Кандидатот за градоначалник на Скопје од граѓанската платформа „Независни заедно“, професор Горан Марковски, денеска одржа прес-конференција во близина на депонијата „Вардариште“, која сè уште гори. Носејќи маска од диносаурус, тој симболично порача: „Ќе изумреме како диносаурусите, ако не се справиме со загадувањето“.
Марковски предложи конкретно решение за проблемот со депонијата: искористување на метанот од ѓубрето за производство на електрична енергија.
Предлог-решение: Производство на струја од метан
„Во ѓубриштето има голема количина на метан. Метанот е лесно горлив материјал и мала искра предизвикана од било што може да предизвика пожар“, објасни Марковски.
Тој посочи дека постојат веќе применети методи на над 200 локации во Европа, каде метанот се собира преку цевки и се користи за производство на електрична енергија.
„Постои можност оваа енергија што денес ни создава проблем да ја искористиме и за производство на електрична енергија. Само треба знаење, одговорност и секако независност“, заклучи Марковски.