Кардула ја отвори изложбата „Flora Imaginarium“ во НОБ – флората како визуелна симфонија и критика на општеството

Во фоајето на Националната опера и балет, вчера вечер (18 јули) беше отворена изложбата „Flora Imaginarium“ на реномираниот македонски уметник и графички дизајнер Зоран Кардула.

Оваа изложба е резултат на двегодишна работа на проект поврзан со македонски бренд, при што Кардула создаде серија уникатни дела инспирирани од флората, фантазијата и визуелниот јазик на маркетингот. Поставката опфаќа внимателно дизајнирани постери, дигитални колажи и експериментални графички композиции, во кои флората е претставена како симбол на убавина, но и како форма на суптилна критика на современото општество.

Делата се карактеризираат со експресивна колористика, стилизирани органски форми и наративен пристап кој го истражува односот меѓу човекот, екологијата и потрошувачката култура.

Кардула, познат по својот поп-арт и конструктивистички стил, повторно се докажува како автор со препознатлив визуелен потпис. Неговото творештво, кое има меѓународна видливост, вклучува изложби во САД, Италија и регионот, како и соработки со светски брендови како Swatch и Swarovski.

„Flora Imaginarium“ е ново визуелно поглавје на Кардула – синтеза на уметност, дизајн и ангажирана порака, достапна за публиката во НОБ во наредните денови.