Каја Шукова од СДСМ најавува претворање на Мал ринг во пешачка и велосипедска зона

Кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, предложи центарот на градот, односно таканаречениот Мал ринг, да се ослободи од автомобили и да се претвори во зона за пешаци и велосипедисти.

​„Мојата визија за Мал ринг е суштинска промена на центарот на градот. Проект кој подразбира затворање на овој дел за сообраќај, адаптиран за пешаците и велосипедистите. На ‘Рекорд’ ќе има дозвола за превоз само за ЈСП и специјални возила“, изјави Шукова.

​Таа нагласи дека сегашниот центар е „задушен“ поради „неуспешните импровизации“ на актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Данела Арсовска.

​Според Шукова, овој проект ќе го заживее јавниот простор со урбана опрема и ќе воведе посебни содржини, враќајќи му го на Скопје ликот на вистинска метропола.