Каја Шукова: Резултатот не е посакуван, но горда сум на чесната и транспарентна кампања

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје од редовите на СДСМ и Коалицијата, Каја Шукова, им се заблагодари на сите граѓани кои го искористиле своето демократско право на глас. Иако не го постигнала посакуваниот изборен резултат, таа изрази гордост за кампањата што била водена чесно и со јасна визија за развојот на градот.

​Шукова истакна дека учеството на граѓаните во изборниот процес е темел на здраво општество кое се стреми кон напредок и одговорност.

​„Резултатот не е оној што го посакувавме, сепак горда сум на кампањата што ја водевме, чесно, транспарентно и со јасна визија за развој и подобар живот за сите жители на Скопје“, напиша Шукова.

​Таа изрази благодарност до нејзиниот тим и до сите поддржувачи за посветеноста и професионализмот, потенцирајќи дека во овој изборен процес било покажано оти може да се гради политичка култура заснована на почит, дијалог и идеи.

​Кандидатката на СДСМ најави дека и покрај изборниот резултат, ќе продолжи да работи за јавниот интерес и за вредностите во кои верува, со истата одговорност и посветеност.

​На крајот, Шукова им посака на сите кандидати кои продолжуваат во вториот изборен круг „фер, достоинствен и демократски натпревар“.