Каја Шукова се откажа од градски штаб: Средствата ќе ги донира за Домот за деца без родители

Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје од СДСМ, Каја Шукова, на митинг во Општина Центар најави поинаков пристап кон кампањата, во духот на солидарноста, одлучувајќи да се откаже од формирање градски изборен штаб.

​„Јас како кандидат за градоначалник и кандидатите за советници во Град Скопје се откажавме од градски штаб. Сите средства за работа на штабот ќе бидат уплатени за Домот за деца без родители на Град Скопје“, изјави Шукова.

​Таа нагласи дека нејзиниот штаб ќе биде целиот град: „Нашиот штаб е целиот град. Секоја улица, секое маало ќе ни биде штаб. Не ни треба градски штаб. Средствата се за тие на кои им се најпотребни.“

​Со оваа одлука, Шукова ја отвори својата визија за политика која не завршува во партиски штабови, туку се одвива меѓу граѓаните.

​Центар како симбол на борбата

​Шукова потсети на борбениот дух на Центар, опишувајќи ја општината како симбол на отпорот и граѓанската храброст од 2013 година, кога, според неа, Македонија била заробена во канџите на режимот.

​„Тука почна борбата за нашиот дом. И борбата ќе почне од тука, и за Скопје и за Македонија”, рече Шукова.

​Таа додаде дека денешната борба е не само за победа на изборите, туку и за враќање на достоинството и за создавање модерно, зелено и хумано Скопје, град што ќе биде дом за сите.