Каја Шукова: Ќе го вратиме духот на Скопје со 100 нови мурали, младински хаб во ГТЦ и Конгресен центар

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Каја Шукова, ја претстави својата програма во делот на културата и урбаниот живот, најавувајќи големи инвестиции со цел да се врати „културната енергија, урбаниот дух и јавниот простор на граѓаните“.

​Таа посочи дека Плоштадот, Чаршијата, Калето, Водно и Матка мора да бидат лицето на градот, најавувајќи уредување, туристичка сигнализација и дигитални мапи.

Ќе се изврши трансформација на Градскиот трговски центар (ГТЦ), без да се наруши неговата архитектура. Шукова најави активирање на празните локали за културни и бизнис иницијативи на млади луѓе, со цел ГТЦ да стане отворен, урбан простор за креативност.

Ќе се посвети особено внимание на јавната уметност преку проектот „100 нови мурали во сите делови на градот“. Овие дела ќе бидат создадени од млади уметници, со што Скопје ќе стане „галерија на отворено“.

Најавена е изградба на нов Конгресен центар до 2028 година, со капацитет за 3.000 посетители, што треба да го позиционира Скопје како град на меѓународни настани, саеми и конференции.

Во духот на Скопје од 1963 година, ќе се изгради организирана мрежа на волонтери кои ќе помагаат во кризни ситуации, настани и ќе бидат поддршка за старите лица, со што волонтерството ќе стане дел од градската политика.

​Шукова нагласи дека клучна цел е искористување на шансата Скопје да ја понесе титулата Европска престолнина на културата во 2028 година. Ова ќе се искористи за обнова на културниот живот, вмрежување на уметниците и креирање нови фестивали и сцени.

​На самиот крај, таа го најави проектот „Скопје Авантура“, кој е опишан како прв семеен авантуристички комплекс од овој тип во регионот.