Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски, денеска изјави дека супервизијата од тројца странски доктори, слична на онаа за случајот со Онкологија, ќе внесе дополнителна објективност во анализата на кардиолошките интервенции. Ова доаѓа по изјавите на кардиологот Сашко Кедев дека се прават непотребни операции.
Клековски нагласи дека интерната комисија, составена од врвни доктори од сите клиники, има целосна поддршка и доверба за да ја заврши прелиминарната анализа. Тој се осврна на можноста за „слепа контрола“ на одбрани случаи за да се утврди колку е масовна појавата на потенцијални злоупотреби.
Директорот на ФЗО ги повика граѓаните кои сметаат дека им е наплатено нешто што не требало, да поднесат претставки до Фондот или Министерството за здравство. Според него, тоа многу би ја олеснило работата на комисијата.
На прес-конференцијата беше истакнато дека вкупниот буџет за кардиохируршки интервенции во 2025 година е над 2,4 милијарди денари (околу 40 милиони евра), со што се финансираат клиниките за кардиологија и кардиохирургија, како и две приватни болници, „Жан Митрев“ и „Аџибадем Систина“.
Фондот има единствен ценовник за јавното и приватното здравство. Во 2024 година, ФЗО финансирал 9.404 интервенции, од кои 6.876 биле во јавните, а 2.528 во приватните здравствени установи.
Клековски информираше дека Фондот извршил контрола во една приватна болница по добиени девет претставки, кои се однесувале на приватно наплатени средства за васкуларна хирургија. Тој додаде дека поради долгите листи на чекање во јавното здравство, пациентите понекогаш се одлучуваат за операции на сопствена сметка во приватните клиники.