Коалицијата „Вреди“ (Влен) излезе со остра реакција, обвинувајќи го Бујар Османи за незаконско и расипничко трошење на јавни пари за време на неговиот мандат како министер за здравство (2008-2011). Во соопштението, „Вреди“ се повикува на негативни извештаи од Државниот завод за ревизија (ДЗР) како доказ за неговото работење.
Според извештајот на ДЗР за 2009 година, во периодот кога Османи беше министер, биле констатирани повеќе неправилности:
Незаконско користење службени возила: Исплатени се 4,58 милиони денари за гориво без соодветна документација и евиденција.
Сервисирање на возила без докази: Потрошени се 1,4 милиони денари за сервисирање без записници за квалитативен прием.
Незаконски вработувања: Лица биле ангажирани преку агенции на проекти, иако тоа не било предвидено со Правилникот за систематизација на работните места.
Сомнителни додатоци: Исплатени се 410 илјади денари за наводен ангажман на членови на Комисијата за јавни набавки надвор од работно време, без соодветни докази.
Османи е обвинет за расипничко работење
„Овој извештај е доказ дека Бујар Османи не само што не оставил трага на развој и подобрување на здравствениот систем, туку напротив – неговото раководење било пример за расипничко и незаконско трошење на јавните пари“, велат од коалицијата „Вреди“.
Тие го обвинуваат Османи дека сега, и покрај негативните извештаи од државните ревизори, бара доверба од граѓаните на Чаир за да го продолжи своето незаконско работење и на локално ниво. „Чаир не е општина која треба да биде засолниште за незаконска работа на Бујар Османи додека неговата ДУИ е опозиција“, се наведува во соопштението.