Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев утрово жестоко го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека со своето делување ја блокира европската интеграција на Македонија.
Во емисија на бугарските медиуми, Ковачев изјави дека главниот проблем не е во поседувањето странско државјанство, туку конкретно бугарското. „Нема проблем некој да биде германски или чешки државјанин, но кога станува збор за бугарско државјанство – над 200 илјади македонски граѓани се соочуваат со притисоци и дискриминација“, истакна тој.
Ковачев потенцираше дека многумина се приморани да го кријат своето бугарско потекло поради страв од последици. „Градоначалничката на Скопје вели дека има чешко државјанство, бидејќи тоа не предизвикува контроверзии. Единствениот проблем, според властите, е ако некој има бугарско потекло. Тоа мора да се смени ако Македонија сака да стане дел од европското семејство“, нагласи европратеникот.
Најостра беше неговата критика кон премиерот Мицкоски: „Смешни се тврдењата дека сме соработувале. Тој стави вето на европската интеграција. Наместо да ги вклучи Бугарите во Уставот, со што би се отпочнале преговорите со ЕУ, Мицкоски избра да ја врати темата на идентитетот и јазикот преку лобирање во Европскиот парламент – нешто што воопшто не припаѓа во извештај за напредок.“