Пратеничката на коалицијата ВЛЕН, Мерита Колчи-Коџаџику, одржа прес-конференција на која изнесе сериозни обвинувања против поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи. Според неа, Османи имал тајни средби со Никола Груевски, лице од американската црна листа и бегалец од правдата.
Колчи-Коџаџику истакна дека Османи јавно одбил да ги демантира наводите за средбите, тврдејќи дека средбите на министрите за надворешни работи се класифицирани информации.
„Од кога тоа средбите на еден министер за надворешни работи со лица од американската црна листа се класифицирани? Дали тие средби се пријавени во Јавното обвинителство и МВР? Кој е интересот зад оваа тајна комуникација?“, праша пратеничката.
Колчи-Коџаџику ја обвини ДУИ дека не е реформирана партија, туку групација која манипулира со националните чувства на Албанците за лични интереси. Таа ги потсети граѓаните дека помошта за бегството на Никола Груевски и законот за амнестија за Сашо Мијалков биле дела на ДУИ, што го смета за доказ дека „една корумпирана елита“ очајнички се обидува да се спаси.
„ДУИ ја претвори политиката во пазар и во бизнис, а Албанците во заложници на нивните договори со бегалци и криминалци“, изјави таа.
Пратеничката на ВЛЕН нагласи дека нивната коалиција е тука за да ја врати „чистата политика“ и да обезбеди транспарентност, со цел да се стави крај на „ова лицемерие“.