По скандалозните тврдења на кардиологот Сашко Кедев дека се прават непотребни кардиохируршки интервенции, во интерната комисија формирана од Министерството за здравство се пријавени осум случаи за разгледување. Овие случаи, пријавени од јавна здравствена установа, ќе бидат првите што ќе ги разгледа комисијата на утрешната средба, соопшти министерот за здравство Азир Алиу.
Тој најави и формирање меѓународна комисија со експерти од Словенија, Италија и Австрија, која ќе почне со работа по завршувањето на административните процедури.
Министерот Алиу бара и вонреден надзор
Министерот Алиу објасни дека интерната комисија е составена од медицински експерти, правници и економисти, чија задача е да ги утврдат фактите врз основа на медицински докази и според највисоките меѓународни стандарди. Покрај тоа, тој побарал и вонреден стручен надзор од Лекарската комора.
Алиу нагласи дека овој процес, кој моментално е фокусиран на кардиоваскуларните интервенции, ќе се прошири на сите сегменти од здравството, и во јавниот и во приватниот сектор, со цел да се стави ред во системот.
Освен овие осум случаи, Министерството за здравство не добило други пријави, и покрај повикот до пациентите кои се сомневаат да ги пријават случаите.