“Комити Скопје“ најавија донации за „Војводи Тетово“ и „Чкембари Битола“

Навивачката група „Комити Скопје“ најави дека на следниот натпревар на нивниот клуб ќе бидат поставени кутии за донации наменети за членовите на навивачките групи „Војводи Тетово“ и „Чкембари Битола“.

​Во својата објава, „Комити“ апелираат до надлежните институции да не дозволат, како што велат, „медиумската хајка“ да влијае на судскиот процес, кој мора да биде правичен.

​Тие сметаат дека причините за инцидентите се подлабоки од површното известување во медиумите, кои со години ги премолчуваат нападите врз Македонците во Тетово и националистичките испади во Битола за време на одбележувањето на Албанската азбука.

​„Во тоа премолчување, заташкување, срамно поттикнување се крие револтот на народот и причината за ваквите постапки“, наведуваат од „Комити“.

​Иако не бараат оправдување за постапките, од групата изразуваат надеж дека институциите ќе ја согледаат вистината. „И ние сме деца на Македонија“, се вели на крајот од објавата.