Конте останува во Наполи – Де Брујне и Дејвид на листата на засилувања

Антонио Конте ќе продолжи да го води Наполи и следната сезона, откако постигна договор со клубот за останување на кормилото – вест која ја засили славеничката атмосфера по освоеното Скудето.

Иако кружеа силни шпекулации за негово враќање во Јувентус, каде што веќе се подготвуваше терен за големото „реунирање“, сопственикот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, успеа да го убеди Конте да остане и да го брани тронот и во Серија А и во Лигата на шампионите.

Состанокот кој се одржал во четврток навечер завршил успешно, а како симболична потврда за добрите односи, Де Лаурентис лично му ја отворил вратата од автомобилот на Конте.

Деталите од новиот договор засега не се објавени, но се очекува Конте повторно да добие значителен буџет за засилувања. Прв на неговата листа е ѕвездата на Манчестер Сити, Кевин де Брујне, кој се очекува да пристигне како слободен агент. Според шпекулации, Белгиецот веќе избрал куќа во Неапол.

Покрај него, се споменува и името на напаѓачот на Лил, Џонатан Дејвид, кој исто така би дошол без обештетување.

Минатото лето, Конте располагаше со 150 милиони евра и донесе звучни имиња како Лукаку, Мектомини, Бонџорно, Нерес, Гилмур и Марин. Ова лето, Наполи под водство на Конте очигледно планира нова трансфер-офанзива за одбрана на титулата.